Фантоми од минатото

Директна причина може да биде едно возило силеџиски паркирано на велосипедска патека цели четири часа. Ама не е, тоа може само да биде некаков лош, минорен повод, за еден исто така минорен лик кој од никаде, како фантом, повторно се појавува на овој простор. Неповикан, или можеби грешам? И како воопшто смее да се врати? Никој не објаснува. А никој и не се буни, што е уште поинтересно, особено не оние од ЗНМ и компанија. Молчат ко риби!

442

Се разбира дека има причина за овој и ваков наслов, како и за овој текст. Зашто ние, едноставно, не умееме да се откачиме од минатото. И тоа она лошото, непријатното, некогаш и криминалното, додека она доброто, успешното, хуманото, веднаш го забораваме. Не знам каква е таа навика, или можеби болест, никој не се ни обидува да ја проучи. Уште помалку да ја лечи. Иако не е само наша. Балканска е.

Директна причина може да биде едно возило силеџиски паркирано на велосипедска патека цели четири часа. Ама не е, тоа може само да биде некаков лош, минорен повод, за еден исто така минорен лик кој од никаде, како фантом, повторно се појавува на овој простор. Неповикан, или можеби грешам? И како воопшто смее да се врати? Никој не објаснува. А никој и не се буни, што е уште поинтересно, особено не оние од ЗНМ и компанија. Молчат ко риби!






А причини, сепак, има многу повеќе, и полоши, а и поголеми. Се вртат низ секојдневиево цели три децении како фантоми кои не нè оставаат намира, се плеткаат во т.н. висока политика, залегнуваат на секакви функции без оглед на не баш светлото минато … Зошто, зарем ние самите ги повикуваме или некој ни ги наметнува? И заради што? Треба ли повторно нешто да одработат, и за кого?

И уште еднаш: не е тоа само наш рецепт. Погледнете ја Србија со оној Вучиќ, паднат како фантом, или како преместувач на гајби под командата на „војводата“ Шешељ, од времето на растурањето на Југославија. Или оној Борисов, на пример, со сето негово минато. Или грчкине „династии“ кои така фантомски се менуваат на власт. Зарем Балканот навистина не умее да излезе од фантомската приказна или некој упорно му ја држи главата во тој и таков историски песок? А во тој контекст, колку да не остане неспомнато односно да не им дадам повод на некои шутраци: до кога куќнион совет и нивните „пајтон партии“ ќе се занимаваат со онаа приказна за ВМРО-то (историско, обединето, раздвоено, михајловистичко или александрово …), коешто си има свое место во македонската историја но некој сака да го претстави (и) како злосторнички фантом? Не умееме ли да најдеме поблиски фантомски приказни што повеќе влијаат на совремието?

На пример, дали меѓу политичките фантоми во Македонија по онаа историска 1989 односно 1992 година спаѓаат и Глигоров, Андов, Керим, Тупурковски …, но и целата онаа папазјанија од генерации и генерации комунистички раководители на левото или десното (да простите) маде, а кои некој потоа ни ги смести и во новата држава? И како што, како експерти за – што? А зошто не и еден Крсте Црвенковски, на пример, но и некои други? Тие беа помалку вредни од овие? Вредни – за што?

И дали, на пример, еден Ѓинѓиќ беше „помалку вреден“ па заврши така како што заврши или тие што го турнаа во таа авантура немаа(т) појма за односите и „традициите“ на Балканот, особено во Србија? Зашто, не сакам да тврдам дека целата онаа композиција од фантоми – во којашто Ѓинѓик, дури несвесно, влета како некаков туѓ џокер – беше диригирана токму од оние кои де факто ја растурија екс-Југославија, а кои сега ги растураат односно (ре)конструираат и другите еу (малите букви се…) кандидати според некој свој терк? И кои се тие и каков им е кредибилитетот па нашиве фантоми „се лепат“ за нив? Или „се лепат“ на идејата за моќ, влијание, пари…?

Современи држави со сериозна демократска идеја и ориентација не смеат да се занимаваат со фантоми. Од минатото но и од сегашноста. Тоа се завршени приказни спремни за архивирање и проучување на историчарите, политиколозите – па и психијатрите, ако веќе сакате! – и сите други кои сакаат да се занимаваат со нив.

Има ли Европа вакви примери на фантоми? Нема, се разбира. Или се многу ретки, како овој Мерц.  Барем во тој поглед тие се далеку пред нас. Нив историјата – барем таквата – не ги интересира. Тие ги „етикетираат“ политичарите, или политикантите, тогаш кога е тоа потребно и – ги фрлаат на буништето на историјата. Тие понатаму стануваат некакви и нечии советници и „бизнисмени“, како оние смешковци од типот на Хан, Билд, Блер, Џонсон и коекакви други (да простите) западни бараби, шетаат низ регионов и пошироко смеејќи им се в лице на будалите кои ги канат. Како ние.

Или, ако баш сакате, колку политички фантоми од некогашната ДДР влегоа во власта во обединета Германија? Иако и во таа нова, обединета Германија, одвреме-навреме, се појавуваа фантоми. Како Јошка Фишер, на пример. Ама тоа се исклучоци што го потврдуваат правилото. А впрочем, и тие, како и нашиве, остануваа само бледи сенки.

Само кај нас, односно на Балканите, тие и таквите политички фантоми упорно и упорно се враќаат – или ги враќаат! – во политиката служејќи за некакви и нечии цели, но главно во разнебитувањето на сопствената држава. Се разбира, со амин на другите политички структури односно таканаречниот политички амбиент. И никој не ги чепка, никој не поставува прашања што тие ликови (повторно) бараат во политиката односно во власта, зарем им беше малку претходното… итн.

Од друга страна, некои од тие политички фантоми стануваат тоа во вистинската смисла на зборот односно (и) по нивниот политички но и животен крај. Како, на пример, Глигоров. Мигот кога неговото претседателско возило летна во воздух, тој стана двоен фантом. Зошто? Затоа што неговото нарачано убиство со одложено дејство понатаму никого не го интересираше. Како впрочем и убиството на Ѓинѓиќ (иако имаше „спектакуларно“ судење со бројни обвинети и казнети), како впрочем и со „несреќата“ на Јордан Мијалков и др. Тие, се разбира, продолжуваат да живеат во современата македонска историја, но нивниот животен и политички пат останува обвиткан и со фантомски превез на неразрешена мистерија. И тоа фантомско минато останува да живее со нас бидејќи не станува збор за „обични“ политичари туку за претседател на држава, министер за внатрешни работи итн.!

Се обидува ли „историјата“, или оние кои мислат дека ја креираат, да нѐ убеди дека нештата – особено оние важните – се случуваат непланирано, некоординирано, ненамерно…? И дека никој не ги „меша“ картите со предвидлив резултат освен, можеби, оној горе? Или ние навистина треба да мислиме дека и претседатели и министри на полиција гинат во несреќи, дека бивши високопозиционирани комунистички персони преку ноќ стануваат демократи и партиски лидери, дека бивши младински комунистички раководители со неприкосновена партиска кариера потоа и во новата држава стануваат водечки политичари? Толку ли сме „лесни“?

Иако, ако погледнете, ние и денес тоа го правиме: создаваме нови фантоми. Зашто, што станува оној Филипче ако не уште еден политички фантом после онакво министерување, а сега и со овој „избор“ за партиски „лидер“? Без противкандидат и со освоени 18.001?! Како што впрочем и на еден тотално непродуктивен фантом МПЦ му доверува да посредува помеѓу неа и Цариград! Па тој не умееше да посредува ни помеѓу своите неколку „јас“, не пак во ваков спор.

Па во тој контекст и мудрата изјава на Димитриевски дека дијалогот е добредојден, „посебно кога се во прашање државните интереси и кога има потреба од компромиси и постигнување консензус, но би било лошо да се воспостави пракса креаторот на проблемите да биде и составен дел на решенијата“.

Фантомите од минатото треба да се остават таму – во минатото!

Поврзани содржини