ФАНОВИТЕ ПАЛАТ, КЛУБОВИТЕ ПЛАЌААТ Казна од 12 милиони евра германските фудбалски гиганти
Германската фудбалска федерација објави дека најголемиот дел од санкциите за сезоната 2024/25 се поради употреба на пиротехника на трибините.
Германската фудбалска федерација (ДФБ) им изрече казни на германските клубови од трите професионални лиги во вкупен износ од околу 12 милиони евра за сезоната 2024/25, наведувајќи дека санкциите во најголем дел се изречени поради употреба на пиротехнички средства од страна на навивачите, јави денеска агенцијата ДПА.
Вкупниот износ на изречените казни е нешто понизок во споредба со претходната сезона.
Највисока казна платил Келн – нешто повеќе од 900.000 евра, по што следуваат Ајнтрахт Франкфурт и Хамбургер, кој санкциите ги заработил настапувајќи во втората германска лига.
Највисоката казна во третата фудбалска лига му била изречена на Динамо Дрезден, во износ од нешто повеќе од 400.000 евра.
Клубовите имаат можност да искористат одреден процент од изречената казна за финансирање мерки насочени кон спречување на насилство и недолично однесување на трибините.
Според податоците на ДФБ, во касата на федерацијата од казните се слеале околу осум милиони евра, од кои шест милиони евра биле донирани на фудбалски фондации.