ФАЛСИФИКУВАЛ ПОТПИС НА МЕНТОР Професор од Демир Хисар осомничен за лажирање службен документ
40-годишен наставник-приправник наводно го злоупотребил потписот на својот ментор и заверил извештај како вистинит во средно училиште во Демир Хисар.
Полицијата во Битола поднела кривична пријава против 40-годишен професор од Демир Хисар, осомничен дека фалсификувал службен документ додека бил наставник-приправник во средно училиште.
Според информациите, тој во март 2024 година го искористил потписот на својот професор-ментор и го внел во извештај поврзан со неговата професионална обука и подготовка за полагање стручен испит.
Документот потоа бил заверен како исправен и доставен до училишната администрација, како да е целосно валиден.
Од полицијата наведуваат дека со тоа е направен обид да се прикаже дека приправникот ги исполнил потребните професионални услови на неправилен начин.
По документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава за „посебни случаи на фалсификување исправи“.