Фали ме усто, оти ќе те расчепам!
Многу факти укажуваат дека нема основа за ова инфантилно славје на ДУИ и на новиот технички премиер Талат Џафери. Неговото октроирање за прв Албанец премиер е плод на договорот меѓу Зоран Заев и Али Ахмети од 2020 година, Албанците да добијат премиер во еден период во тој мандат на владата. Јавноста можеби не знае, но јас сум сведок дека и Христијан Мицкоски од ДУИ доби понуда за таков договор, но ја одби. Сето тоа, сепак, не му ги намалува шансите на Џафери во следните месеци да ги покаже своите лидерски потенцијали. Псе јо?
На почетокот, би сакал да му честитам на господинот Талат Џафери за изборот за премиер на техничката влада, чија примарна задача е во следните неколку месеци да ги подготви претседателските и парламентарните избори и да обезбеди мирна и спокојна транзиција до изборот на новата политичка влада.
На господинот Џафери му посакувам новата функција да ја извршува многу подобро одошто ја извршуваше функцијата претседател на Собранието. Би сакал да не го понесува страста на политичката битка, да биде принципиелен, да избегнува непотребни кавги, да биде воздржан и помалку чувствителен на критики и секако, да не заборави дека е прв меѓу еднаквите министри во една влада која функционира само во нејзиниот технички капацитет.
Потоа, би сакал да прецизираме некои наводи, кои во јавноста ги пласираше Европскиот сојуз за промени, во кој се обединети опозициските партии на Албанците. Сојузот тврди дека Талат Џафери не е прв, туку трет премиер Албанец од Македонија. Опозицијата реферира на две именувања од далечната 1986 година: Вулнет Старова за претседател на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и Синан Хасани за претседател на Претседателството на СФРЈ.
Ова се фактите.
Д-р Вулнет Старова од 1974 до 1978 година бил потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ. Според сегашната номенклатура – вицепремиер. Потоа бил секретар на Републичкиот секретаријат за здравство и социјална политика. По ново – министер за здравство и социјална политика. На 28 април 1986 година е избран за претседател на Собранието на СР Македонија. Функцијата ја извршува до 8 јануари 1991 година, кога е конституирано првото повеќепартиско собрание.
Спомнатиот Синан Хасани, кој потекнува од едно село во косовска Витина, од 15 мај 1986 година до 15 мај 1987 година ја извршува функцијата претседател на Претседателството на СФРЈ. Значи, тој е шеф на државата, но не и премиер.
Да заклучиме, непобитен факт е дека Талат Џафери е првиот Албанец избран на позицијата македонски премиер. Макар и само технички. Јас мислам дека тој факт несомнено има историско значење.
И ако веќе се држиме до фактите, треба да се каже уште еден факт – како поранешен офицер во ЈНА, за време војната во Македонија во 2001 година, Џафери командувал со единиците во тетовската касарна, а на 28 април, кога е извршен масакрот кај Вејце, бил дежурен командант во касарната во Тетово; неколку дена потоа дезертирал и преминал во Ослободителната народна армија (ОНА), каде станува познат како Командат Форина. Јас во овие факти не би барал никаква основа за политички атаци врз Џафери, но ако веќе се држиме до фактите, треба да бидеме доследни.
За сѐ друго Европскиот сојуз за промени е во право. Потполно се согласувам со тврдењето на коалицијата што ја предводи Изет Меџити дека ништо историско во вчерашната „церемонија на самофалење“. Така е, јас видов само многу непотребно парадирање, пропаганда, кич и невкус.
Делумно – но само делумно! – би се согласил и со тврдењето на Европскиот сојуз за промени, кој во контекст на споредбата со д-р Старова и со Хасани вели дека „феноменот на поставување на про-форма албански лидери за една употреба сега ја опфаќа и Северна Македонија, во форма на поставување на Талат Џафери за премиер на ДУИ, но за да го рекламираат како прв албански премиер“.
Не го познавам господинот Синан Хасани, не сум го анализирал неговиот учинок како претседател на Претседателството на СФРЈ и не би можел да потврдам дека овој лик е еден од т.н. „чесни Албанци“, кои во периодот на социјализмот беа избирани како „про-форма албански лидери за една употреба“.
Но, би можел да кажам дека прилично добро го запознав д-р Вулнет Старова, иако во периодот кога тој е претседател на Собранието јас сум млад новинар почетник. Мојата покојна мајка тогаш беше советник во Собранието и во тој период соработуваше со д-р Старова. Имам слушано многу за тој човек и од мајка ми, но и од многу други луѓе кои имале среќа да соработуваат со него и да го познаваат. Сите сведочат за еден исклучителен лик, за посветен лекар и за способен политичар.
Д-р Вулнет Старова беше сѐ само не „про-форма лидер за една употреба“. Напротив!
Без намера да навредам било кој актуелен албански политичар, би кажал дека сите ние би биле среќни ако новиот технички премиер го земе ликот на д-р Старова за пример и ако се инспирира дури и од самата појавност на тој извонредно културен и образован човек.
Македонија и после д-р Старова, а пред Талат Џафери, Али Ахмети, Бујар Османи и пред другите асови на ДУИ, имала историски значајни личности во политиката, Албанци со неспорни лидерски капацитети. Од повеќето, во оваа прилика ќе спомнам само двајца покојници – Абдурахман Алити и Арбен Џафери. Тоа што историските околности не дозволиле тие луѓе да станат премиери, собраниски спикери или шефови на државата, тоа не е никаков аргумент за фалбите на ДУИ.
И конечно, да бидеме малку реални – позицијата премиер на техничка влада не е некакво драматично достигнување во политиката, со кое може вака неумерено да се гордее еден политичар, а камоли еден цел народ. Талат Џафери сега го има статусот на неговите „технички“ претходници Емил Димитриев и Оливер Спасовски. Ако добро се сеќавам, ниту еден од нив двајцата не го прослави својот избор со олку чалам.
А Димитриев и Спасовски имаа една значајна предност пред Талат Џафери – тие беа номинирани од водечките политички партии во тогаш владејачките коалиции. Талат Џафери сепак е номиниран како претставник на малцинската партија во коалицијата со СДСМ. Тој е октроиран за да се исполни политичкиот договор меѓу мандатарот Зоран Заев и Али Ахмети премиер во еден период да биде Албанец.
Можеби јавноста не знае, но јас сум сведок дека и Христијан Мицкоски во 2020 година ја имаше истата понуда од ДУИ, но тој ја одби.
Како и да е, ниту еден од овие неспорни факти не треба да се разбере и да се доживее како причина за ова инфантилно славје во стилот „фали ме усто да не те расчепам“, но ниту пак како хендикеп за Талат Џафери. Пред него се 100 дена, во кои има неповторлива шанса да го покаже своето вистинско лице и да ги потврди своите лидерски потенцијали.
Псе јо?