ФАЛА, НЕ ТРЕБА! Доброволните пожарникари се откажаа од мизерната поддршка од Општина Македонска Каменица
Од „Саси“ порачаа дека остануваат на патот кој го имаат започнато, продолжувајќи да се развиваат и да бидат поддршка и јавен сервис на граѓаните на Општина М. Каменица во случај на елементарни непогоди како поддршка на пожарникарите од ТППЕ М. Каменица.
Доброволното противпожарно друштво „Саси“ од Македонска Каменица се откажа од доделените 20.000 денари од Советот на Општина Македонска Каменица. Во известувањето до јавноста, каменичките доброволци пожарникари велат дека откажувањето е поради крајно понижувачката и демотивирачка одлука за распределба на средствата на здруженија на граѓани од страна на самиот Совет.
– На последната одржана седница на Советот на Општина Македонска Каменица во делот за доделување финансиска помош на здруженија на граѓани, после нејасни критериуми и правилници, за доделување финансиска помош на здруженија на граѓани, на Доброволното противпожарно друштво „Саси“ М. Каменица беа доделени 20.000 денари. Водејќи се од нашата основна цел за помагање при гаснење на пожари и справување со елементарни и природни непогоди кои се од општ заеднички интерес првенствено за граѓаните на Општина М. Каменица, ја известуваме јавноста дека јавно се откажуваме од доделената финансиска помош – истакнаа од ДПД ,,Саси“.
Од „Саси“ порачаа дека остануваат на патот кој го имаат започнато, продолжувајќи да се развиваат и да бидат поддршка и јавен сервис на граѓаните на Општина М. Каменица во случај на елементарни непогоди како поддршка на пожарникарите од ТППЕ М. Каменица.
– Се заблагодаруваме на Советот на Општина Македонска Каменица за разгледувањето на нашето барање и доделувањето финансиски средства, но со оглед на целокупната распределба на средства за здруженија на граѓани, сметаме дека ова е понижувачки, непрофесионално и демотивирачки за членовите – доброволци на ДПД „Саси“ М. Каменица – додадоа од каменичкото доброволно противпожарно друштво.
Оттаму потенцираа дека нивната одлука е лична и апелираа да не се користи за собирање политички и лични поени.