„Фајзер“ ги налути синдикатите, отпушта работници во Белгија за да вработува поевтини во романската фабрика
Европратеничката Даниела Рондинели вели дека тоа е уште една шлаканица за милиони граѓани на Европската унија кои бараат социјална правда, а не деловно лукавство.
Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ објави дека има намера да пренесе дел од своите производствени погони од Белгија во Романија, каде цената на работната сила е пониска, пишува италијанскиот весник „Ил фато Котидијано“.
Весникот наведува дека поради тоа 38 од 238 вработени ќе останат без работа.
– Тоа е уште една шлаканица за милиони граѓани на Европската унија кои бараат социјална правда, а не деловно лукавство – изјави европратеничката Даниела Рондинели, член на Движењето Пет Ѕвезди.
Белгиските синдикати исто така реагираа на одлуката на американската компанија да го премести производството таму каде што работната сила чини помалку, а со тоа се зголемува и профитот.
– Тоа е невидена срамота. Благодарение на европските фондови за пронаоѓање на вакцината против Ковид-19, „Фајзер“ минатата година заработи 3,3 милијарди евра, а најавува дека профитот годинава ќе биде околу 15 милијарди. Во последниве месеци, вработените во Фајзер работеа во двојни смени за да ги произведат потребните анти-ковид вакцини. После се, отпуштањата се удар во стомакот на работниците – рече генералниот секретар на белгискиот синдикат АЦВ, Барт Декулиер.
Американската компанија „Фајзер“ ја разви вакцината против Ковид-19 заедно со германската компанија „Бионтек“.
Брзиот развој на лекот беше можен благодарение на големите инвестиции во истражувањето, околу 2,5 милијарди евра, а само од ЕУ добија 400 милиони евра во раната фаза на истражувањето.