ФАЈНАНС ТИНК ЗА РАСТОТ НА БДП ОД 13 ОТСТО Високиот раст е остварен на ниска споредбена основа

Фајнанс тинк ја задржува проекцијата за растот на БДП во 2021 на 4,1 отсто.

454

Во вториот квартал од 2021, БДП се зголеми за 13,1% на годишна основа, како резултат на отпочнувањето на масовната имунизација и нормализацијата на економските текови. Високиот раст е остварен на ниска споредбена основа од вториот квартал од 2020, во кој пандемијата го изврши првиот и најсилен удар на економијата, забележува Фајнанс тинк во најновиот макроекономски извештај.

Институтот за економски истражувања и политики оценува дека неизвесноста во економијата повторно се зголеми во третиот квартал од 2021 со четвртиот бран од пандемијата.

Од Институтот наведуваат дека растот од 13,1 отсто на БДП е остварен на ниски споредбени податоци од истиот кварт лани.

„Според дејности, ударот пред една година беше најсилен врз трговијата, сместувањето и послужувањето храна, и транспортот, како резултат на што и растот во вториот квартал годинава е најголем во овие дејности, 46 отсто. Растот кај останатите дејности е значајно помал, со исклучок на индустријата, која порасна за 11,4 отсто. Овој раст може да се поврзе со растот на бруто инвестициите 38,4 отсто, извозот 45 отсто и увозот од 46,7 отсто, кој во голема мера е воден од интензивираните активности на извозните капацитети во ТИРЗ-овите, кои искусија огромни падови пред една година, но сега го реализираат потенцијалот за брз излез од кризата“, се вели во Извештајот.

Олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот во вториот квартал годинава, заедно со продолжените ефекти од владините мерки за поддршка на доходот на граѓаните, го објаснуваат растот на приватната потрошувачка, 12,9 отсто. Додека, растот на јавната потрошувачка, 2,9 отсто, е генерално на патеката на консолидација по големата експанзија во 2020.

„Невработеноста во првиот квартал од 2021 понатамошно благо се намали, на 15.9 отсто од претходните 16 отсто. Падот на невработеноста е значајно забавен, како резултат на враќањето на пасивизираното население на пазарот на труд. Вработеноста забележа благо зголемување, од 47,1отсто на 47,3 отсто, што упатува на понатамошна стабилизација на пазарот на труд. Сепак, во вториот квартал, евидентно е губењето работни места во преработувачката индустрија (околу 4.000 во однос на првиот квартал годинава), транспортот (3.500) и хотели и ресторани (1.000), што укажува дека растот на додадената вредност во најпогодените дејности не е проследен со креирање работни места“, заклучува Фајнанс тинк.

Неизвесноста во економијата повторно се зголеми во третиот квартал од 2021 со четвртиот бран од пандемијата. Иако се очекува дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од август 2021 ќе имаат ограничен неповолен ефект врз економијата, сепак неизвесностите кај најпогодените дејности се сé уште нагласени.

Фајнанс тинк ја задржува проекцијата за растот на БДП во 2021 на 4,1 отсто.

Поврзани содржини