„Фајнанс тинк“: Економските ефекти од корона-кризата

Најчест механизам што го примениле работодавачите за прилагодување на корона-кризата е намалување на платата и прекинување на секакви дополнителни исплати.

779

Три четвртини од вработените и компаниите во Северна Македонија се погодени од економската криза предизвикана од ширењето на ковид-19 се вели во извештајот на Институтот за економски анализи „Фајнанс тинк“ (Finance think).

Состојбата кај самовработените и микро-бизнисите е дополнително критична.






Најчест механизам што го примениле работодавачите за прилагодување на корона-кризата е намалување на платата и прекинување на секакви дополнителни исплати.

Невработените изгубиле надеж дека ќе најдат работа, а доходот во нивното домаќинство се намалил.

– Повремените приходи прекинале кај невработени со инцидентни работни ангажмани. Најголем дел од населението може да издржи најмногу до три месеци во тековните економски околности, а главниот механизам за справување со економската криза е сведување на потрошувачката на минимум – стои во анализата на „Фајнанс тинк“.

Иако корона-кризата започна да се чувствува во неколку економски сектори – првенствено туризмот, угостителството и малопродажбата – за кратко, таа се прошири низ целата економија.

– 75.9% од испитаниците одговориле дека компанијата во којашто работат е погодена од корона-кризата. Да забележиме дека ова прашање не ги опфати самовработените (видете подолу). Со оглед дека оваа анкета ги испитуваше перцепциите на граѓаните, за одбележување е и дека 12.8% од испитаниците одговориле дека не знаат дали корона-кризата ја погодила компанијата во којашто работат. Од испитаниците кои одговориле дека компанијата во којашто работат е погодена од корона кризата, голем дел одговориле дека тоа е поради мерките на државата со кои се наложи затворање одредени компании (на пример, компании од малопродажбата кои оперираат во трговските центри) и/или затоа што нивниот промет значително опаднал, 43.1% и 41.5%, соодветно (График1) – велат од „ФТ“.

Значаен е и процентот на компаниите кои имале проблем да ги пласираат своите производи, и тоа најчесто се однесува на извозно-ориентираните компании, чиј пласман беше откажан од купувачите (вклучително и од компаниите мајки) во странство и/или кои беа засегнати од отежнатиот транспорт.

Отежнатото функционирање поради тоа што значаен контингент работници заминале на боледување со цел грижа за деца до 10-годишна возраст не е идентификувано како особено значаен начин на кој економската криза ја погодила компанијата, иако овој одговор може да е пристрасен поради тоа што е даден од перспектива на вработените.

Поважниот економски ефект од корона-кризата, кога тој се мери од перспектива на вработените, е како таа се одразила врз нивниот работен однос.

– 78.3% од вработените одговориле дека со корона-кризата се погодени лично. График 2 покажува дека најчестиот начин на кој работодавачите одговориле на корона-кризата во првиот месец од нејзината поjава е преку намалување на платата на вработените (25.6%), но одговори од слична големина се и соопштувањето дека веројатно ќе следува намалување на платите и/или отпуштања, како и запирањето на дополнителните примања. Ова покажува дека првиот одговор на работодавачите на корона-кризата веројатно не бил отпуштање работници. Сепак, 10.8% од вработените одговориле дека биле отпуштени од работа – се вели во анализата.

За разлика од вработените, самовработените (без оглед дали станува збор за самостоен вршител на дејност или самовработен кој вработува и други лица), се особено тешко погодени од корона-кризата, со оглед дека 89% од нив изјавиле дека таа го погодила нивниот микро-бизнис. Графикот 3 покажува дека микро-бизнисот се соочил со значаен пад на прометот (54.9%), и/или со привремено затворање (49.3%).

Овие проценти се нешто повисоки од оние кај другите компании (График 1), што покажува дека иако начините на кои компаниите и микро-бизнисите биле погодени се исти, магнитудата кај вторите е поголема. Значаен дел од микро-бизнисите посегнале по заштеди (18.3%).

И покрај тоа што фокусот на носителите на политиките и јавната дебата по избувнувањето на корона-кризата беше ставен врз компаниите и вработените, кризата е особено значајна и за невработените лица.

– Да напоменеме дека правиме разграничување на невработени лица (оние кои немаат и бараат работа) и лица кои се изјасниле за невработени но кои работеле некаква работа инцидентно (што вклучува и неформална работа во сивата економија). Графикот 4 покажува дека корона-кризата главно ги еродирала надежите за наоѓање работа кај навработените, проследено со намалување на доходот во домаќинството од кој и тие се издржувале. За разлика од нив, главниот удар врз невработените кои имале инцидентни работни ангажмани е преку намалениот или прекинат повремен доход, проследено со намалените надежи дека државата ќе помогне на каков било начин – се вели во извештајот на „Фајнанс тинк“.

Скоро половина од испитаниците вработени во јавната администрација (График 5) и од испитаниците пензионери (График 6) покажале подготвеност за кратење на нивните примања под налетот на корона-кризата.

– Дополнителни 23% од вработените во јавната администрација и 18% од пензионерите укажаа дека не се согласуваат со кратења, но стравуваат дека до тоа ќе дојде. Сепак, треба да се забележи дека по околу една петтина од двете групи не се согласуваат да сносат дел од економскиот товар на корона-кризата – објавија од „ФТ“.

Високи 70% од граѓаните одговориле дека во моменталните околности на економска криза предизвикана од ширењето на Ковид-19, би можеле да издржат најмногу 3 месеци (График 7).

Притоа, скоро две третини од испитаниците одговориле дека месеците под удар на корона-кризата ќе ги издржат преку сведување на потрошувачката на минимум (График 8) и/или преку посегање по заштедите (34.1%).

– Не е за занемарување и четвртина од населението кои очекуваат државата да им помогне, а изненадувачки е мал процентот (14.9%) на оние кои се подготвени да прифатат каква било работа со цел надминување на кризата со доходот во домаќинството. 12.5% одговориле дека ќе ги преживеат месеците без да преземаат каква било акција – стои во анализата.

Поврзани содржини