Ф1 и официјално ги одложи трките во Монако, Шпанија и Холандија
Веста дојде по конференциски повик помеѓу Чеис Кери, Рос Браун, Жан Тод и десетте шефови на тимови.
Формула 1 и официјално ги одложи трките во Монако, Шпанија и Холандија. Сите три стартови требаше да се одржат во мај, но сега сезоната ќе започне во Азербејџан најрано на 7 јуни. Веста дојде по конференциски повик помеѓу Чеис Кери, Рос Браун, Жан Тод и десетте шефови на тимови.
– Поради континуираната комплексна и променлива глобална состојба со КОВИД-19, ФИА, Ф1 и промоторите на трите трки ги донесоа овие решенија за да обезбедат здравје и безбедност на патничкиот персонал, учесниците во првенството и навивачите, што останува наша примарна грижа – се вели во заедничко соопштение.
Понатаму, се споменува дека сите ќе разговараат за можните алтернативни датуми во текот на годината кога да се одржат одложените трки. ФИА и Ф1 очекуваат првенството да започне веднаш штом е безбедно.