ЕВЗОНИ СЕ ЗАТВОРА НА 4 ЧАСА Грчките земјоделци повторно ги активираат блокадите

Преминот Евзони ќе биде целосно затворен од 17 до 21 часот, земјоделците најавуваат продолжување на протестите.

478

По кратката пауза поради празниците, грчките земјоделци од денеска повторно ги активираат блокадите на граничниот премин Евзони, што ќе предизвика сериозни проблеми за сообраќајот меѓу Северна Македонија и Грција.

Според најавите, преминот Евзони ќе биде целосно затворен за влез и излез на сите видови возила во периодот од 17:00 до 21:00 часот по македонско време, што директно ќе ги погоди патниците, транспортните компании и туристите.






Претходно во текот на денот, земјоделците организираа протестен марш низ Килкис (Кукуш), изразувајќи го своето незадоволство од односот на грчките власти кон нивните барања. Како знак на револт поради тоа што потпретседателот на грчкиот парламент, Јоргос Георгадас, одбил средба со нив, демонстрантите фрлија сено и памук пред неговата канцеларија.

Земјоделците најавуваат дека протестите ќе продолжат и во наредните денови доколку не добијат конкретни одговори и решенија од владата, што отвора можност за нови и подолготрајни блокади на клучните гранични премини со Македонија.

Поврзани содржини