ЕВТИН ГАС ЗА СОФИЈА, ЗА БРЗ ПРИСТАП ЗА СКОПЈЕ И ЗА ТИРАНА ДО ЕУ? Петков од Вашингтон се враќа со дил за енергетска стабилност, ама и со обврски

Бугарија ќе добие американски течен природен гас (ЛНГ) од јуни, што ќе ѝ помогне отако руски Газпром го прекина снабдувањето со гас. Но, од владата на Кирил Петков се очекува да ја разбере важноста на деблокирањето на патот на Скопје кон членство во Европската Унија.

2,288

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, за време на денешната виртуелна средба со бугарскиот премиер Кирил Петков ја истакнал „важноста од брз пристап во ЕУ за квалификуваните аспиранти“. Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс соопшти дека двајцата лидери ја потврдиле заедничката визија за трансатлантските односи, јави Гласот на Америка на македонски јазик.

Прајс во соопштението вели и дека „секретарот Блинкен ја нагласи важноста на обединетиот одговор на НАТО и на САД-ЕУ кон неоправданата и неиспровоцирана инвазија на Русија на Украина и рече дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат модернизација на одбраната и приоритетите на енергетската безбедност на Бугарија“.






Петков напиша на Твитер дека со Блинкен разговарале за зголемување на соработката и диверзификацијата на енергетските извори.

„Бугарија и САД се сојузници и стратешки партнери и енергетската соработка ќе допринесе за зголемување на енергетската безбедност и диверзификација во регионот“, напиша Петков.

И демократскиот сенатор Крис Марфи денес објави дека се сретнал со бугарскиот премиер со кого разговарале за енергетска поддршка, со цел да се стави крај на зависноста на Бугарија од руските гас и нафта.

„Разговаравме и за важноста од напредок на билатералните разговори со Северна Македонија за деблокирање на патот на Скопје кон членство во Европската Унија. Членството на Северна Македонија на крајот е во интерес на Бугарија и јас јасно ја ставив до знаење поддршката на САД за заклучок кој обезбедува пат напред“, се вели во соопштението од канцеларијата на Марфи.

Бугарија ќе добие американски течен природен гас (ЛНГ) од јуни, што ќе ѝ помогне отако руски „Газпром“ го прекина снабдувањето со гас, соопшти бугарската влада. Аранжманот бил договорен на средбата меѓу премиерот Кирил Петков и американската потпретседателка Камала Харис. Цените ќе бидат пониски од оние на Газпром.

Инаку, на 27 април годинава Газпром ја прекина испораката на гас за Бугарија и Полска, затоа што двете земји одбија да платат во рубли. Бугарија годишно троши околу 3 милијарди кубни метри гас, од кои над 90 отсто доаѓа од Русија. Бугарија е во преговори со Азербејџан за зголемување на испораките на гас и се обидува да преговара за ЛНГ преку терминалите во Грција и во Турција.

Експертите велат дека и овие комбинации во голема мера зависат од САД, но и од ЕУ.

 

ДАЛИ ВИКТОРИЈА НУЛАНД ПРИТИСКА ЗА РЕШЕНИЕ НА СПОРОТ СО БУГАРИЈА?

Политиката на проширување на ЕУ е безбедносно прашање и оттука членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за европската безбедност, рекол министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната средба со потсекретарот за политички прашања во Стејт департментот, Викторија Нуланд која се одржа на маргините на министерскиот состанок на Глобалната коалиција за борба против ИСИС во Маракеш.
Викторија Нуланд и Бујар Османи
Од македонското МНР информираа дека во фокусот на разговорите било претстојното одржување на Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД на 2 јуни во Вашингтон.
Но, и бугарскиот премиер Кирил Петков во Вашингтон се сретнал со Нуланд. Според бугарската владина прес-служба, на средбите на Кирил Петков во американскиот Стејт департмент е добиена силна поддршка за антикорупциските напори на Бугарија. На првите разговори на премиерот станало збор и за активностите на бугарската влада за обезбедување на енергетската независност и диверзификација на Бугарија.
Некои посматрачи велат дека Викторија Нуланд би можела да биде дипломатката „булдожер“ која ќе ги притисне Софија и Скопје итно да најдат компромисно решение за спорот.
Поврзани содржини