ЕВРОПСКИТЕ ВОЕНИ СИЛИ ВО УКРАИНА НЕМА ДА ОДАТ ВО БИТКИ Според Макрон, ќе имаат пацифистички пристап
Во Париз ќе се одржи самит на претставници на 30 нации кои ќе разговараат за предложените сили за Украина, кои францускиот претседател ЕмануелМакрон предлага да бидат распоредени „во важни градови“ и на други места.
Предложените европски воени сили кои ќе бидат распоредени во Украина врз основа на потенцијалниот мировен договор би можеле „да одговорат на рускиот напад“ доколку Москва го започне, вели францускиот претседател Емануел Макрон.
Макрон ова го изјави синоќа по разговорот со украинскиот колега Володимир Зеленски, пред самитот во Париз. На самитот претставници на 30 нации ќе разговараат за предложените сили за Украина, кои францускиот претседател предлага да бидат распоредени „во важни градови“ и на други места.
– Доколку повторно дојде до општа агресија врз територијата на Украина, овие борбени сили, всушност, ќе бидат нападнати и потоа ќе следи нашата вообичаена рамка на ангажман. Нашите војници, кога се вклучени и распоредени, се таму да реагираат и да одговорат на одлуките на врховниот командант и, доколку се во конфликтна ситуација, да одговорат на тоа – рече Макрон.
Макрон, во тандем со премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, инсистира да се создавање коалиција на земји кои се подготвени, на еден или друг начин, да го поддржат распоредувањето на воена сила во Украина, со цел да се обезбеди траен мир со одвраќање на Русија од идејата повторно да ја нападне таа земја.
Макрон не прецизираше каков одговор замислил во случај на руски напад.
Предложените европски трупи нема да бидат стационирани на линиите на фронтот во Украина „ниту ќе бидат вклучени првиот ден во соочувањето со руските сили“. Според Макрон, тие ќе бидат војници кои ќе ја одвратат Русија од повторен напад.
– Одржувањето на стратешките градови, стратешките бази, тоа ќе укаже на јасна поддршка од неколку европски земји и сојузници. Затоа, не сме на првите борбени линии, не одиме во битка, туку сме таму за да гарантираме траен мир. Тоа е пацифистички пристап. Единствените кои би иницирале конфликт, воена ситуација во тој момент би биле Русите, доколку одлучат повторно да започнат со агресија – рече францускиот претседател.
Макрон денеска во Елисејската палата очекува 31 државна делегација, што е повеќе отколку што имаше првиот пат по истиот повод во Париз, пред еден месец. Ова, како што тврдат официјални лица од претседателската палата, е доказ дека создавањето коалиција за помош на Украина, со можност за испраќање војници во таа земја, добива на интензитет.
Меѓутоа, САД, предводени од претседателот Доналд Трамп, не покажаа јавен ентузијазам за разговорите за создавање коалиција која потенцијално би испратила војници во Украина, доколку се постигне договор за прекин на огнот. Специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Стивен Виткоф, ја отфрли идејата за распоредување европски трупи, па дури и потребата воопшто да се направи такво нешто.