ЕВРОПСКИТЕ СУБВЕНЦИИ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ЗАВРШИЛЕ ЗА СКАПИ КОЛИ И ВИЛИ Лаура Ковеши побара од Грција да го смени Уставот
Европската обвинителка Лаура Ковеши говореше и за железничката несреќа кај Темпи од февруари 2023 година и рече дека и во овој случаи пречка во истрагите бил членот 86 од грчкиот Устав што се однесува на одговорноста на министрите, односно дека единствено Парламентот е надлежен да ги гони членовите на Владата за кривични дела сторени додека се на функција.
Со години, криминалците, со помош на државни службеници и високи функционери, крадеа европски пари што беа наменети за помош на вредните и чесни земјоделци за да ја обработуваат оваа прекрасна земја, а не за некои луѓе да се стекнат со вили и луксузни автомобили, истакна европската обвинителка Лаура Ковеши на прес-конференцијата во Атина говорејќи за скандалот со грчката агенција ОПЕКПЕ надлежна за европските земјоделски субвенции, јави дописничката на МИА од Атина.
Ковеши нагласи дека „ОПЕКЕПЕ стана акроним за корупција и непотизам“.
– Превенцијата беше неефикасна, доставувањето пријави беше попречено, истрагата во најдобар случај беше површна – посочи европската обвинителка.
Таа говореше и за железничката несреќа кај Темпи од февруари 2023 година и рече дека и во овој случаи и за ОПЕКЕПЕ, пречка во истрагите бил членот 86 од грчкиот Устав што се однесува на одговорноста на министрите, односно дека единствено Парламентот е надлежен да ги гони членовите на Владата за кривични дела сторени додека се на функција.
Ковеши објасни дека европското обвинителство во истрагата на грчките случаи функционира според грчкиот Устав и не можат да го прекршат и токму затоа посочи дека е неопходно да се промени конкретниот член 86.
– Лошата вест е дека, (и за ОПЕКЕПЕ) како и во случајот Темпи, истрагата не можеше да стигне онаму каде што треба поради Уставот. Добрата вест е дека Парламентот може да го измени членот 86. Разбирам дека постои политичка волја за да започне овој процес – нагласи европската обвинителка и додаде дека министерот за правда на Грција на вчерашната средба ѝ ја пренел намерата да се промени овој член од Уставот.
За железничката несреќа кај Темпи пред две и пол години рече дека „оваа трагедија можеше да се избегне доколку беше имплементиран на правилен начин проектот“, односно договорот 717 за железницата, што се однесува на сигнализација и далечинско управување.
Таа нагласи дека „единствениот начин за да се затвори оваа рана, е да се спроведе правдата“, но и додаде дека „поради членот 86 ова не се случи“.
– За случајот Темпи, ја завршивме нашата истрага и набргу ќе постои одлука, знам дека на национално ниво веќе е донесена одлука. Ние ја имаме нашата внатрешна процедура. Стигнуваме до крајот на процесот, штом имаме одлука ќе информираме – истакна Ковеши.
На прес-конференцијата европската обвинителка нагласи дека „правдата не може да се претвори во реално шоу“.
– Ако сакате да ја откриете вистината, не ги повикувајте сведоците да зборуваат на телевизија и на тој начин осомничените да можат да го чујат она што треба да го скријат – нагласи Ковеши.