Европските невладини бараат од ЕУ крај на поддршката за нови хидроцентрали, Фронт 21/42 се приклучи кон манифестот
Хидроенергетските проекти се најголемиот виновник за колапсот на екосистемите, а сепак во моментов преку 5.500 нови проекти се во процес на планирање или изградба. Балканот е под ризик од планови за изградба на повеќе од 2.700 хидроелектрани, тврдат еколозите.
Фронт 21/42, невладина организација од Македонија, се приклучува кон Манифестот потпишан од над 150 европски невладини организации со кој се бара од Европската Унија, Европската инвестициона банка и Европскиот Парламент да се запре поддршката и финансирањето на нови хидроцентрали.
Одбележувајќи го Светскиот ден на миграција на риби, Фронт 21/42 заедно со организации како WWF – Светски фонд за природа, Climate Action Network Europe и BirdLife, алармираат за штетите кои произлегуваат од изградбата на нови хидроцентрали во Европа.
„Токму на европскиот континент сведоци сме на најголемо уништување на реките и предизвикување на речна фрагментација, со што се загрозуваат слатководните екосистеми, а истовремено нема значаен придонес во борбата против климатските промени“, се вели во соопштението на невладините организации.
Тие ја потсетуваат ЕУ дека поддршката за нови хидроцентрали е во спротивност со целите за биодиверзитет на Новиот Европски зелен договор. Во Европа, популацијата на слатководни риби кои мигрираат е намалена за 93 % од 1970 година до денес. Хидроенергетските проекти се најголемиот виновник за колапсот на екосистемите, а сепак во моментов преку 5.500 нови проекти се во процес на планирање или изградба. Балканот е под ризик од планови за изградба на повеќе од 2.700 хидроелектрани.
„Енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија е неоправдана преку проекти како хидроцентралите со кои се уништуваат последните слободни реки и уникатниот биодиверзитет, особено кога енергетските придобивки се незначителни. Во моментов, 9 од 10 нови или планирани
хидроцентрали имаат капацитет помал од 10 мегавати – овој незначителен удел во производството на електрична енергија зад себе остава пресушени реки, блокирани миграциски патеки на рибите, уништени речни екосистеми и локално население без вода за пиење и наводнување“, се вели во соопштението на Фронт 21/42.
Оваа организација бара средствата наменети за финансирањето за нови хидроцентрали да се пренаменат за модернизација, еколошка трансформација на постоечките централи, за
отстранување на застарените брани, како и за премин кон обновливи извори на енергија кои немаат негативно влијание врз природата.
Малите хидроцентрали се финансираат преку сметките за струја во форма на повластени тарифи – 6% од парите кои ги плаќаат граѓаните се наменети за субвенционирање на малите хидроцентрали, односно, самите ние плаќаме за уништување на нашите реки. Алармираат еколозите. Без поттик од субвенциите, 90 отсто од постројките едноставно би биле нерентабилни.
Во Националниот парк Маврово плановите за мали хидроцентралипродолжуваат и покрај препораките на Бернската конвенција од 2017-та.