ЕВРОПСКИОТ СУД ВО СТРАЗБУР ЌЕ РЕШАВА ЗА ЖАЛБАТА НА АПАСИЕВ Спорно е отфрлањето на неговата иницијатива за референдум за Францускиот предлог

За осуда е тоа што претходно сите редовни домашни судови се прогласија за ненадлежни да постапуваат по овој предмет, а Уставниот суд дури по три години истиот го одби со паушално и правно неиздржано образложение, оценува Левица.

651

Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа, со седиште во Стразбур, во прва фаза, ја прифати апликацијата на жалителот Димитар Апасиев против Република Северна Македонија за одбивање на неговата референдумска иницијатива од страна на тогашниот претседател на Собранието Талат Џафери, во врска со парламентарните Заклучоци за т.н. Француски предлог за односите меѓу Македонија и Бугарија.

Пратеникот Апасиев во жалбата до Стразбур се повикува на член 1 од Протоколот XII (2000) и на член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, односно на општата забрана на дискриминација, а во врска со член 10 (Слобода на изразување) и член 11 (Слобода на собирање и здружување) од Европската конвенција за човекови права.






„За осуда е тоа што претходно, сите редовни домашни судови се прогласија за ненадлежни да постапуваат по овој предмет, а Уставниот суд на РМ – дури по три години од поднесување на првичното Барање за заштита на слободите и правата на граѓанинот, истото го одби со паушално и правно неиздржано образложение. Со овој правен преседан, уште еднаш се покажува нестручноста и слабиот правен капацитет на уставните судии, кои воопшто не ја следат, ниту ја применуваат јудикатурата на Европскиот суд за човекови права (Стразбур), што само по себе е поразително и недозволиво“ – се оценува во соопштението на партијата Левица, чиј претседател е Апасиев.

Правната битка за овој, но и за другите случаи – како што е оној за цензурата врз неа на последните Локални избори 2025, спроведена од страна на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Државната изборна комисија (ДИК), исто така ќе ги изнесеме пред Европскиот суд за човекови права и очекуваме позитивен исход од истите. Но, истовремено, бараме правна и политичка одговорност за сите инволвирани во ваквото еклатантно кршење на човековите слободи и права на левичарите – се вели во соопштението на Леввица.

Поврзани содржини