Европскиот прозорец ќе остане ширум отворен, ама нема да мора да се фрлиме од него и да треснеме на плочникот

Данке Урсула што на нашиве еврохистерици им кажа колку е саатот и како ќе чекориме натаму кон Европа. Што им ги објасни новите европски политики, планови и директиви. Сега седат дечките и трескавично смислуваат нови наративи. Живот...

4,630

Претпоставувам дека вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, тој што Урсула фон дер Лајен ја пречека со букет цвеќе, министерот за надворешни работи Бујар Османи и луѓето од владиниот тим еврохистерици се прилично разочарани од пораките што претседателката на Европската комисија ги упати од Скопје.

Сите очекуваа Урсула да лобира за „уставните измени“, прашање за кое нашите еврохистерици се убедени дека е клучно за евроинтеграцискиот процес во Македонија. Дека нешто не е во ред со тој „план“ се виде откако се разбра дека претседателката на Европската комисија не испланирала средба со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Се разбира, некои од тоа направија нов пи-ар наратив, ама сепак стана јасно дека Германката од Брисел не е дојдена во Скопје да витка раце.






Не дека Урсула Фон дер Лајен одамна не сфатила дека во врска со уставните измени во Скопје може само џам да свитка. На европските бирократи очигледно им е јасно дека таа работа со „внесувањето на Бугарите“ во Уставот нема да оди лесно и дека тоа ќе биде долг процес. Уставните промени, вака како што ги дизајнираше владата на Ковачевски, со суфлирање од не знам каде и од не знам кого, нема да поминат пред изборите. Не вака.

Гледам дека сега дури и премиерот Димитар Ковачевски за ова прашање се изразува со поетски метафори, со изрази без конкретно практично-политичко значење. Читаме дека Ковачевски „изразил надеж дека партиите коишто се против промената на Уставот ќе покажат дека се за европска иднина на државата, бидејќи сега имало отворен прозорец за пристапување кон Европската Унија“.

Не, не го удрила Ковачевски промаја од тој негов „отворен прозорец“, туку Урсула во Скопје убаво му објаснила како стојат работите во ЕУ. Таа навистина е прва меѓу европските бирократи, но не треба да се заборави дека жената има амбиции пред европските избори, дека има поприлично црно под ноктите и дека сепак е Германка и кадар на Ангела Меркел.

Накусо, Урсула фон дер Лајен дошла во Скопје да го претстави новиот План за раст на Западен Балкан, кој ја маркира новата европска политика кон нашиот регион. Суштината на таа политика е дека „прозорецот за пристапување во ЕУ“ – тој ист прозорец што го збунува Ковачевски –  ќе остане ширум отворен, дури и ќе се рашири со неколку крила, но од Македонија нема да се бара да скокне од него и да тресне на плочникот.

„Отворениот прозорец“ на ЕУ за земјите аспиранти ќе значи точно она што бирократката Урсула Фон дер Лајен мораше внимателно да го „изрецитира“ и во Скопје – Планот за раст за Западен Балкан значи дека граѓаните и компаниите од овие земји ќе можат да ги почувствуваат истите придобивки кои што ги имаат граѓаните на Европската Унија уште пред полноправното членство во ЕУ. Тоа ќе значи отворање на пазарот на ЕУ за македонски производи, елиминирање на трговските бариери, помалку чекање на границите, намалени трошоците за транспорт, отворање на пазарот на работна сила, 2 милијарди евра во грантови за земјите од Западен Балкан кои ќе повлечат 4 милијарди евра во заеми за стратешки проекти итн.

Планот што во Скопје го претстави Урсула фон дер Лајен е само дел од поширокиот концепт за реформи во Европската Унија и за промени во политиката на проширување. Таа тема во ЕУ е стара, но беше обновена кон крајот на летово, за во септември да резултира со високо ниво на согласност меѓу Берлин и Париз за насоките кон кои ќе се движат нештата.

Ако се сеќавате (кој не се сеќава, ете му линк на крајот на овој текст), во првата половина на септември пишував за тоа дека влијателниот германски дипломат Михаил Рот потврди дека политиката за проширување ќе се реформира на тој начин што земјите кандидатки, чекор по чекор, треба да бидат вградени во структурите на ЕУ, пред формално да станат членки. Тоа конкретно значи дека пред пристапувањето, Унијата треба да оствари уште потесна соработка со земјите кандидатки во клучните области на безбедноста, енергетиката и на инфраструктура и да им овозможи постепено пристапување кон заедничкиот пазар на ЕУ и значително повисока претпристапна финансиска помош.

Вториот елемент на промените на политиката на проширување ќе биде се посилниот став меѓу највлијателните членки на Унијата дека за отворање на преговорите и за отворање и за затворање на индивидуалните поглавја, во иднина, треба да се одлучува со квалификувано мнозинство во Советот на министри, а не со консензус. Порано или подоцна, Урсула фон дер Лајен, како послушна Германка и послушна шефица на европската влада, или можеби нејзиниот наследник или наследничка на чело на Европската комисија, ќе дојдат во Скопје да ни го претстават и тој нов елемент на политика за проширување.

И?

Шупрајме сега?

Што треба сега да прават нашите „еврохистерици“, кои своевремено се обидоа остро да ги нападнат идеите за реформи на Европската Унија, па дури и лажно да ни ја протолкуваат изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со повеќе брзини“?

За жал на Маричиќ и на Османи, не им останува ништо друго освен да се повлечат од својата неодржлива и прилично недоветна позиција дека промените на Уставот се прашањето на кое се „прекршува“ евроинтеграцискиот процес. И да ја зграбат оваа златна шанса Македонија да ја реформира сопствената европска политика и да ја прилагоди на реформските предизвици со кои се соочува ЕУ.

Полесната задача, во таа смисла, ќе биде темата „внесувањето на Бугарите“ и сите други теми коишто допрва ќе произлезат од софиските уцени, да се вкалапат во реални рамки. Ќе треба едноставно да се каже следново: да, сакаме да ги подобриме односите со Бугарија, спремни сме да ги дочекаме Бугарите во македонскиот Устав со нивниот уникатен идентитет и со нивниот прекрасен јазик – ама баш исто како што Урсула нас Македонците наводно нѐ чекала во ЕУ со нашиот уникатен идентитет и со нашиот јазик – но онаа работа со Уставот може да се случи само под одредени услови, кои ќе исклучат загрози на нашиот македонски идентитет и натамошни закани со вето од страна на Бугарија.

Потешката задача ќе биде Македонија многу сериозно да се подготви и да застане на „пол-пот позиција“ во битката за нови можности за нашата економија на европскиот пазар, во битката за европски грантови и инвестиции. Е тогаш ќе се види дали ние навистина сме „најдобрата држава во регионот“, како што се пофали Ковачевски пред некој ден, или ќе се покаже дека економскиот тигар во регионот Србија, а можеби дури и Албанија и Црна Гора, се подобри од нас.

Како и да е, данке Урсула што на нашиве еврохистерици им кажа колку е саатот и како ќе чекориме натаму кон Европа.

И што им ги објасни новите европски политики, планови и директиви.

Сега седат дечките и трескавично смислуваат нови наративи.

Не е лесно на Фронтот за Европа…

Реформата на процесот на пристапување кон ЕУ е стратешки интерес на Македонија

Поврзани содржини