ЕВРОПСКИОТ ФРОНТ СОБРА 16, А ЗА АНКЕТНА КОМИСИЈА СЕ ПОТРЕБНИ 20 ПРАТЕНИЧКИ ПОТПИСИ Само во ДУИ гледаат селективна истрага за пожарот во Кочани
Собранието не може да ја започне процедурата, бидејќи со член 76 став 3 од Уставот е утврдено дека предлог за основање на анкетна комисија можат да поднесат најмалку 20 пратеници, информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието.
Од страна на 16 пратеници од коалицијата Европски фронт е поднесена иницијатива да се формира анкетна комисија која треба да истражи селективен и едностран пристап на правосудниот систем во третманот на трагедијата во Кочани, информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Но, Собранието не може да ја започне процедурата, бидејќи со член 76 став 3 од Уставот е утврдено дека предлог за основање на анкетна комисија можат да поднесат најмалку 20 пратеници“, посочиле од Кабинетот на претседателот на Собранието за МИА.
Вкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март во кој загинаа 59 лица, а речиси 200 се повредени, досега е 34 лица. Меѓу нив е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши од редовите на ДУИ. Со истрагата се опфатени 27 физички и 3 правни лица, а истражни постапки има и против 7 полициски службеници од СВР Штип и од ОВР Кочани.
Од Јавното обвинителство денеска соопштија дека јавните обвинители од тимот кој ја води предистражната постапка за пожарот, континуирано преземаат повеќе истражни дејствија за обезбедување докази, како распити, анализи и вештачења од голем обем. За да се зачува тајноста на постапката и да се спречи компромитирање на доказите, од Обвинителството посочија дека не се во можност да откриваат повеќе детали.
Од ДУИ денеска повторно побараа независна истрага за пожаротв во „Пулс“.
– Јасно е дека на власта не ѝ е потребна правда, туку алиби. Тоа не смее да се премолчи и затоа јавно бараме итна суспензија на целата командна структура по вертикала во МВР и Бирото за јавна безбедност, кои знаеле за проблемите со „Пулс“, а не реагирале. Бараме независна истрага, надвор од рацете на оние што ја овозможиле оваа трагедија, со цел да се утврди под чија заштита му е обезбедено на објектот „Пулс“ да работи. Бараме отворање нов процес против сите кои активно работат на прикривање на вистината и креирање монструозни случаи како алиби за вистинските виновници“, изјави Арта Билали Зендели од ДУИ.
Пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска, денеска на прес-конференција во Собранието рече дека би поддржале предлог за таква анкетна комисијано прво оставаат шанса на институциите за професионална и неселективна истрага за трагегијата во Кочани.
– Оставаме шанса на институциите. Истрагата е во тек и затоа нашиот став е дека треба професионално, неселективно да се заврши целата истрага. Да не опструираме во текот на истрагата. По завршувањето на истрагата како СДСМ ќе излеземе со став за нашите идни дејствија. Во моментот кога ќе заврши истрагата, зависно од резултатите од истрагата. Цело време и на прес-конференциите од страна на раководството и од пратениците оставаме шанса да видиме неселективна и професионална истрага и врз основа на истрагата ќе ги градиме идните ставови на СДСМ – рече Тренчевска.
Во однос на барањата за анкетна комисија премиерот Христијан Мицкоски завчера рече дека „не бегаат од анкетна комисија, но би сакале да ја прошират и за останатите случаи освен за Кочани“.