Европски или етнички интегритет
Ниту во европските земји кои официјално функционираат како двојазични или повеќејазични не се практикуваат „етнички графи“ на личните карти и пасошите. Во Финска, на пример, која е уставно двојазична земја, со употреба на финскиот и шведскиот како национални јазици, пред неколку години се крена прашина во јавноста по стапувањето на сила на законски измени според кои личните карти добија различни бои. Многумина изразуваа загриженост дека со тоа практично се применува практика за разликување на етничката припадност на граѓаните, а не само нивното државјанство.
Основата за издавање идентификациски документи, вклучувајќи ги и личните карти, насекаде во Европа е статусот на жителството и државјанството. Етничката припадност никаде не фигурира како суштествена „карактеристика“, ниту пак има некакво значење за да биде назначена на личните карти, кои се користат во функција на еден од основниот постулати на ЕУ – слободното движење на луѓе меѓу земјите членки.
Во безграничниот Шенген-простор се движат пред сè европски граѓани, државјани од ЕУ-членките, а не припадници на етнички табори. Такви групирања и „пребројувања“, кои се во сферата на необврзно самоизјаснување, всушност имаат малку допирни точки со определбите внатрешниот европски пазар да биде наменет за засилена конкуренција, зголемена специјализација, а со тоа и зголемен обем на економијата.
Ниту во европските земји кои официјално функционираат како двојазични или повеќејазични не се практикуваат „етнички графи“ на личните карти и пасошите. Во Финска, на пример, која е уставно двојазична земја, со употреба на финскиот и шведскиот како национални јазици, пред неколку години се крена прашина во јавноста по стапувањето на сила на законски измени според кои личните карти добија различни бои. Многумина изразуваа загриженост дека со тоа практично се применува практика за разликување на етничката припадност на граѓаните, а не само нивното државјанство.
Но надлежните органи во Финска својски се потрудија да ја објаснат смислата на тие законски решенија, кои во суштина немаат никаква врска со етницитетот. Различните бои се со цел да ја олеснат идентификацијата. Возрасните фински граѓани добиваат сини лични карти, малолетни лица виолетови, а на странски државјани со пријавено жителство им се издаваат лични карти со жолто-кафеава нијанса. Полицијата ги бараше споменатите измени со надеж дека тоа ќе го олесни контролирањето на илегални имигранти, посебно на граничните премини на аеродоромите и пристаништата, а со оглед на тоа дека финските лични карти важат како патни исправи во рамки на ЕУ за фински, но не и за странски државјани кои живеат во земјата.
Но, на многумина и понатаму не им се допаѓа решението со различни бои на личните карти, кои обично се сфаќаат како најобично средство за едноставна идентификација, без непотребни податоци и усложнувања. Иако не станува збор за никакво означување на етничката припадност на финските лични карти, критичарите тука сепак гледаат извесен ризик да се прави разлика од една до друга категорија луѓе, граѓани.
Но кога сме веќе кај етницитетот и идентификациските документи, околу тоа прашање никаде во Европа не се води сериозна дебата. Прашањата во оваа област, кои привлекуваат посебно внимание, во последно време се најмногу поврзани со заштитата на количеството складирани дигитални информации што ја зголемуваат сигурноста на личната карта и ја минимизираат нејзината подложност на фалсификување. Заштитата на личниот интегритет на граѓанинот во таа смисла доаѓа во преден план, бидејќи енормното собирање и скалдирање на дигитални податоци го зголемува ризикот е во основа неетично, незаконско и на сериозен начин го зголемува ризикот од нарушување на човечките права. Патем речено, парадирање и мавтање со етнички знамиња во таков контекст тешко може да најде некаква оправданост, бидејќи заштитата на нашиот приватен живот, во чии рамки несомнено спаѓа и личната определба околу етничката припадност, несомено треба да добие и соодветена модерна дигитална форма.
Сè посеопфатното ширење на културата на забрзана дигитализација, посебно во високоразвиените западни земји, неретко открива и нејасни моменти кои укажуваат во извесна смисла на развој во погрешна насока. На пример, една „сигурна“ државна лична карта сè снабдува со дополнителна функција на е-легитимација (електронска легитимација), која често се користи во поново време за плаќање и трансфери на интернет, но наместо одговорноста да ја имаат државните институции, во некои земји, како, на пример, во Шведска, им се препушта за тоа да се грижат приватни банки. Користењето на енормните можности што ги нуди дигитализацијата мора да ги следи решенијата што ќе овозможуваат поефикасна заштита на личниот интегритет на граѓаните, вклучувајќи го, се разбира, и користењето на личните карти.
Но сè поинтензивното собирање и скалдирање на детали поврзани со личниот интегритет на граѓаните, го компликува контролирањето на сите оние што се обидуваат да ги поседуваат и „капитализираат“, и во да даден момент можеби да ги злоупотребат таквите чувствителни податоци во општеството.
Граѓаните на поранешна Југославија во прва рака беа препознавани како Југословени кога ги покажуваа своите пасоши на граничните премени во други земји. Припадноста на одделни малцинства во СФРЈ, на русинското, словачкото, влашкото, цинцарското, буневското, унгарското, романското или кое било друго, воопшто не претставуваше некаков важен податок, кој, со внесување во личната карта или пасошот, би го зголемил квалитетот на статусот што југословенските граѓани го уживаа во светот. Југословенскиот пасош беше еден од најбараните и најпосакувани во светски рамки, како патна исправа со која најлесно се патуваше и на Исток и на Запад. Тоа што Југославија заврши како грда приказна, тешко може да го засени тој факт.
Многумина луѓе имаат проблеми речиси во текот на целиот живот поради постојаната потреба да се справуваат со предрасудите вкоренети околу припадноста на етнички идентитети – во мешани бракови, во кариерата во разни професии, во настојувањето да најдат едноставен и помалку болен начин да се идентификуваат со својата околина, без притоа да бидат потсетувани дека нивното етничко потекло е вакво или онакво. Тоа денес е пристно и во најразвиените европски земји.
Конечно, постоењето т.н. амбивалентен етницитет, или „двоен идентитет“, кој се јавува во сите етнички мешани оштетства, кај многумина граѓани предизвикува, најблаго речено, аверзија кон „потребата“ за нужно приклонување кон еден етнички идентитет. На многумина тоа всушност им создава длабок внатрешен конфликт. Предложените законски измени во македонското Собарние, со внесување на етнички графи на личните карти, сигурно нема да овозможат полесно да се справиме со таквата дилема.