ЕВРОПСКИ ЦАРИНСКИ СТАПКИ ЗА КОМПОНЕНТИ ЗА НАПРЕДНИ ПРОИЗВОДИ Странските инвеститори задоволни од владината одлука
Владата на вчерашната седница одлучи да ги намали цариснките стапки за компонентите за производство на технолошки напредни производи на ниво на оние кои се актуелни во Европската унија.
Одлуката на Владата за намалување на царинските стапки на одделни компоненти потребни за производство на технолошки напредни производи ќе придонесе за подобро деловно работење на сите компании од секторот, но и за поголема атрактивност на земјата при привлекување нови компании со странски капитал, велат од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора.
Оваа Асоцијација подолг период бара да се намалат царинските стапки на одделни компоненти потребни за производство на технолошки напредни производи на ниво на оние во Европската унија со времетраење до 30.06.2022 година. Асоцијацијата денеска ја поздрави одлуката на Владата да ги намали овие стапки.
– Намалувањето на увозните давачки е на нивото на царинските стапки на Европската унија со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи, a се однесува во најголем дел на суровини и репроматеријали кои ги употребуваат првенствено компаниите членки на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство – информираат од Стопанската комора во чии рамки функционира асоцијацијата.
Оттаму додаваат дека во услови кога усогласувањето со царинските стапки на ЕУ се јавува како обврска на земјата во процесот на пристапување во ЕУ, автономните мерки претставуваат привремено решение што е во функција на зголемување на извозната конкурентност на индустријата во земјава, која произведува технолошки напредни производи.
– Тоа, секако ќе придонесе за подобро деловно работење на сите компании од секторот, но и за поголема атрактивност на земјата при привлекување нови компании со странски капитал – велат од Асоцијацијата.
Според асоцијацијата позитивниот одговор од страна на Владата се должи на опсежните анализи и интензивната комуникација со Асоцијацијата во изминатиот период, којашто останува доследен партнер, за изнаоѓање трајно решение за целосно и трајно усогласување на царинските стапки, но и за генерално унапредување на бизнис климата за инвеститорите.