ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЌЕ ГО УКИНЕ ОГРАНИЧУВАЊЕТО ЗА ПРЕСТОЈ ЗА ВОЗАЧИТЕ НА КАМИОНИ ОД БАЛКАНОТ? Официјална потврда се очекува на состанокот на Транспортната зедница во Белград
Според новите правила на ЕУ, возачите на камиони од Балканот и Турција, кога превезуваат товар во рамките на ЕУ, се третираат како и сите други граѓани на трети земји. Ова значи дека тие можат да останат таму максимум 90 дена во рок од 6 месеци. Доколку го надминат тој лимит, ризикуваат апсење или депортација со забрана за враќање на територијата на ЕУ.
На превозниците од земјите од Западен Балкан и Турција им е ветено дека проблемите што ги имаат во рамките на Европската Унија во врска со статусот на возачите и правото на работа ќе бидат решени до почетокот на октомври кога стапуваат на сила новите правила за влез и престој во земјите од Шенген зоната.
Ова за босанските медиуми го потврди главниот координатор на конзорциумот „Логистика БиХ“ Велибор Пеулиќ. Тој очекува спроведувањето на договорот AET (правила часовите, паузите и одморот на возачите) да започне на 1 октомври.
-Ќе се сретнеме со претставници на Европската комисија во Белград на 10 септември и ќе им презентираме што значи 60 милиони тони стока дневно. Според сите сигнали што ги имаме, ќе се почитува правилото на договорот AETR. Значи, според тој договор, возачите од Босна и Херцеговина би можеле да останат 2.160 часа во ЕУ во однос на престојот, а одморот ни е доволен бидејќи не надминуваме 1.000 часа за 6 месеци. Очекуваме примената да започне од октомври, за да се знае дека возачот е вработен во транспортна компанија од Босна и Херцеговина, а не турист или терорист – објасни Пеулиќ.
Тој потсети дека во договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија е напишано дека елиминирањето на секаков облик на дискриминација ќе се спроведе откако државата ќе го потпише тој договор, а Босна и Херцеговина го потпишала тој договор.
Дека се очекува решение на проблемот потврдуваат и македонските превозници кои речиси две години заедно со сите превозници од Западен Балкан на претставниците од ЕУ им докажуваат дека возачите не се туристи туку работници и поради тоа не може нивниот престој да биде ограничен и да се третира како на останатите граѓани.
-На 10 септември во Белград се одржува состанок на Транспортната заедница на која ќе учествуваат претсставници од Европската Унија, министри за транспорт од регионот и претставници на транспортните организации од регионот. Очекуваме ова прашање да биде разгледано и да се понуди решение. Но додека не се донесе поволна одлука за проблемот не можам да кажам дека нешто е договорено и од кога тој договор ќе важи – вели Билјана Муратовска од Макамтрнас.
Таа додава дека напоредно со решението кое се бара на регионално ниво во земјава се прават напори тоа да се реши и преку директни контакти на Министерството за транспорт и коморите.
Проблемот, според податоците на главниот координатор на конзорциумот „Логистика БиХ“ Велибор Пеулиќ ги засега возачите кои возат 3,5 милиони камиони низ Европа секој ден, превезувајќи 60 милиони тони товар.