ЕВРОПСКАТА НАРОДНА ПАРТИЈА Е ДВИГАТЕЛ НА ДЕМОКРАТИЈАТА И НА СТАБИЛНОСТА Мицкоски на свеченоста за 50-годишнината на ЕПП

Присуството на бројни европски лидери даде дополнителна тежина и значење на оваа свеченост. Ваквите моменти потсетуваат колку е важна соработката, меѓусебната почит и заедничката определба за посилна и пообединета Европа, објави премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

559

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва во Брисел присуствуваше на свеченоста со која Европската народна партија (ЕПП) одбележа 50 години од формирањето.

Како што информира Мицкоски преку својата страница на Фејсбук профил, јубилејот обединил лидери и пријатели на ЕПП од цела Европа.






„Вечерва имав чест да присуствувам на одбележувањето на 50-годишнината од формирањето на Европската народна партија (ЕПП), значаен јубилеј кој обедини лидери, претставници и пријатели од цела Европа. Настан исполнет со силна енергија, визија и заедништво, каде се потврди улогата на ЕПП како двигател на европските вредности, демократијата и на стабилноста. Присуството на бројни европски лидери даде дополнителна тежина и значење на оваа свеченост. Ваквите моменти потсетуваат колку е важна соработката, меѓусебната почит и заедничката определба за посилна и пообединета Европа“, објави Мицкоски.

Со него во Брисел се и партискиот генерален секретар, Драган Ковачки, како и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски.

Како што најави Мицкоски, делегацијата од ВМРО-ДПМНЕ што тој ја предводи во Брисел ќе биде дел и од Самитот на лидери што го организира ЕПП. Економската перспектива на Европа, глобалните предизвици како војната во Украина, конфликтите во Заливот и ситуацијата во Иран, се само некои од темите за кои ќе стане збор.

Во видеоизјава тој најави дека на самитот ќе се разговара за глобалните предизвици, а делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе стави акцент и на проширувањето на ЕУ.

„Два дена сме овде во Брисел да ја одбележиме 50 годишнината од формирањето на Европската народна партија, најголемата политичка сила во демократска Европа, чиј нераскинлив дел претставува и ВМРО-ДПМНЕ, најголемата политичка партија во Македонија. Овие два дена, покрај официјалната прослава ќе имаме и Самит на лидери, на претседатели на политички партии, кои се дел од семејството на Европската народна партија, ќе разговараме за економската перспектива на европскиот континент, се разбира ќе разговараме за глобалните предизвици, војната во Украина, војната во Персискиот Залив, во Иран, но исто така ќе зборуваме и за зголемување на компетитивноста. Она што е наша цел и што претставува наш посебен интерес, е разговорот околу проширувањето на самата ЕУ, но и сите оние постигнувања и реформи што изминатите месеци како ВМРО-ДПМНЕ, односно како Влада ги направивме“, објави премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски денеска на маргините на Конгресот на Европската народна партија оствари средба со хрватскиот колега, Андреј Пленковиќ, на која фокусот бил на регионалната соработка и европската перспектива.

Поврзани содржини