ЕВРОПСКАТА МРЕЖА НА ЛАЖНИ ПОТВРДИ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА Најголем дел од нив се „издадени“ од Македонија
Според истражувањето на Бек за golem.de, најголем број пропусници за ковид-19 за Мики Маус и слично се издадени од Министерството за здравство на Северна Македонија, чии пропусници важат и во ЕУ.
Построгите правила за невакцинираните лица го зголемуваат притисокот врз луѓето или да се вакцинираат или да обезбедат лажна потврда за вакцинацијата против коронавирусот. И тоа воопшто не изгледа тешко. Зашто, слабата алка е – човекот.
Европските полициски служби веќе открија неколку мрежи кои ги фалсификуваат сертификатите за вакцинација. Во книшката за вакцинација внесуваат дека лицето наводно ја примило вакцината против ковид 19 и издаваат дигитален сертификат. Сертификатот важи како доказ дека неговиот сопственик е вакциниран, дека има прележено коронавирус или дека бил негативен на неодамнешниот тест.
Бизарно фалсификувани сертификати се појавија на кориците во Европа во октомври. На пример, тие беа издадени под имињата: Адолф Хитлер, роден на 1 јануари 1990 година, Сунѓерот Боб и Мики Маус.
– Овие сертификати најверојатно ги направиле фалсификатори, за да им докажат на клиентите дека можат да ги направат – вели новинарот Хано Бек, кој го истражува овој случај за порталот „golem.de“, кој се занимава со вести од дигиталниот свет.
Дигиталните сертификати не се решение
Дигиталните сертификати важат во ЕУ, како и во земји како Швајцарија и Норвешка, а повеќето земји од ЕУ ги признаваат и оние од Македонија. Со нивното воведување требаше да се елиминира едноставното фалсификување на познатите жолти книшки за вакцинација. Но, сертификатите за имињата на Мики Маус, Хитлер и други измислени и мртви ликови јасно покажуваат дека потфатот има маана.
За Матијас Маркс ова беше предвидливо
„Повеќе сум изненаден од изненадувањето што го предизвикува овој случај“, изјави тој за ДВ.
Маркс е член на компјутерскиот клуб Хаос (ЦЦЦ) и коавтор на експертски извештај на оваа тема, што здружението на хакери го направи за Комитетот за здравство на Бундестагот во средината на мај.
И тогаш „ЦЦЦ“ им укажа на пратениците дека ниту шифрирана заштита од фалсификување не може да го спречи фалсификувањето на поединечни потврди. На пример, ако системот не е внимателно заштитен од неовластен пристап.
ИТ системите не се побезбедни од нивните корисници
Според истражувањето на Бек за golem.de, најголем број пропусници за ковид-19 за Мики Маус и слично се издадени од Министерството за здравство на Северна Македонија, чии пропусници важат и во ЕУ. Сепак, во центарот на вниманието се и лажните сертификати кои потекнуваат од земјите на ЕУ како Германија, Франција и Полска.
Затоа, најголемиот дел од шифрите се креираат преку онлајн интерфејс, односно веб-страници преку кои овластените корисници, фармацевти или вработени во болницата, кои креираат сертификати и пасоши за вакцинација. Интерфејсите во Германија се управувани од владиниот институт Роберт Кох.
Според информациите на Бек, некои страници не се ни заштитени со едноставна лозинка.
– Утрово повторно проверив. Тоа сепак се однесува на двете земји, кои не се членки на ЕУ, другите во меѓувреме направија подобрувања – вели тој за ДВ.
Бек не сака да открие за кои земји станува збор, за да не поттикне нови злоупотреби. Секој што ќе ја најде страницата може едноставно да кликне и да издаде сертификат.
Фалсификување од овластен персонал
Друг проблем доаѓа од самиот овластен персонал. Според полицијата во Германија, најголем број предупредувања на фалсификуваните хартиени пасоши за вакцинација доаѓаат од аптеките, бидејќи клиентите носат лажни хартии за да добијат дигитален сертификат. Од друга страна, добро направените фалсификати тешко се препознаваат, па може да се замисли дека фармацевтите несвесно помагаат во издавањето дигитални пасоши за вакцинација.
Маркс, исто така, претпоставува дека не сите овластени лица се подеднакво мотивирани да ги проверуваат сертификатите. Има критичари на вакцинацијата меѓу фармацевтите и лекарите, а некои од нив очигледно сметаат дека е легитимно да се фалсификуваат записи и да се заработат дополнителни пари.
Кон крајот на октомври баварската полиција извршила претрес во аптека со цел да откријат можни фалсификати.
Стимулот за фалсификување расте
Маркс и другите од „ЦЦЦ“ веќе го предвиделе сето ова:
– Колку се построги правилата за невакцинираните, толку е поголем поттикот за набавка на фалсификати. А потоа е понудата – вели Маркс.
А поттикот видно расте: од крајот на август, брзиот тест во Германија важи само 24 часа наместо 48. Задолжителен е во многу ситуации: во ресторан, кино, на концерти или при посета на болници или домови за стари лица. Од октомври граѓаните тестовите ги плаќаат од свој џеб, во просек по 15 евра.
Некои продавници и организатори на настани не дозволуваат ни со тест да влезат невакцинирани лица. Тоа е теоретски возможно во продавниците за храна во провинциите Хесен и Долна Саксонија.
Во некои земји од Европската унија, животот без вакцина против ковид-19 или сертификат за прележана корона има уште повеќе ограничувања. Во Италија никој не може да бара работа без зелен пасош. Во Франција, само вакцинирани лица можат да работат во одредени занимања, меѓу кои и здравствени работници, пожарникари и полицајци. Невакцинираните се суспендирани и не земаат плата.
Да се откажат сите сертификати за вакцинација?
Германското Министерство за здравство смета дека лажните сертификати може да бидат поништени. Зошто тоа не се случи досега? Министерството не сакаше да одговори на анкетата на ДВ.
Но, колку и да е тешко да се докаже колку лажни сертификати има, Ридигер Трост од безбедносната фирма „F-Secure“ рече:
– Има само едно јасно решение: Сите сертификати мора да бидат повлечени – рече тој.
Приближно тоа се случи со клучот на кој се засноваа лажните сертификати издадени во Северна Македонија.
– Но, тоа значи и дека сите редовни потврди се неважечки, кои се издаваат по ист клуч – објаснува новинарот Бек.
Во Германија или Франција, таквиот чекор може да значи дека милиони луѓе кои имаат точна пропусница за ковид, ќе мора да добијат нов сертификат. Тогаш постапката би требало да почне одново – и фалсификаторите би почнале повторно.
Особено ако надлежните служби и овластените лица не сменат ништо во своето однесување. Затоа што, според безбедносните експерти, клучот на сертификатот не е причината зошто има толку многу фалсификати во оптек, туку човекот.