ЕВРОПСКАТА БЕЗБЕДНОСТ Е НЕОДВОИВА ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН Калас во наредните 5 години очекува вистински напредок во проширувањето на ЕУ
Нашата соработка е од суштинско значење, Западниот Балкан е дел од европското семејство и затоа нашата безбедност е неодвоива, порача високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас.
Западниот Балкан е дел од европското семејство и затоа нашата безбедност е неодвоива и нашата соработка е од суштинско значење, порача високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
Таа вчера во Рим учествуваше на средбата на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и на членките на групата „Пријатели на Западниот Балкан“.
„Во Рим ја подвлеков оваа заедничка безбедносна перспектива. И нашата надеж за вистински напредок во проширувањето на ЕУ во следните пет години, врз основа на напредокот во реформите“, наведе Калас во објава на Икс.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, која учествуваше на средбата, порача дека повеќе од кога било Западен Балкан треба да се приближи до ЕУ.
„Силен фокус на заедничките безбедносни предизвици и забрзување на постепената интеграција, врз основа на спроведувањето на реформите од земјите кандидати“, напиша Кос на Икс.
Групата „Пријатели на Западен Балкан“ ја сочинуваат Австрија, Грција, Италија, Словачка, Словенија, Хрватска и Чешка.