ЕВРОПЕЈЦИТЕ СЕ СВРТИЈА КОН ЕЛЕКТРИЧНИТЕ АВТОМОБИЛИ Продажбата на автомобилите на батерии порасна за 60,7%

Со зголемената побарувачка за електрифицирани возила меѓу Европејците, моделите од кинеските производители се сè попопуларни, а податоците на ACEA покажуваат дека продажбата на Leapmotor во јуни била речиси шест пати поголема отколку во истиот месец минатата година. Chery продал речиси четири пати повеќе возила на Стариот континент отколку минатата година, додека продажбата на BYD речиси се зголемила за трипати

1

Продажбата на автомобили во Европската Унија нагло се забрза во јуни, со бран на побарувачка за електрифицирани модели и континуирано слабеење на европскиот интерес за бензински и дизел мотори, покажаа податоците од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) објавени денеска.

Во јуни, во Европската Унија се регистрирани вкупно 1,15 милиони нови возила, што е за 13,6% повеќе во однос на истиот месец минатата година. Во мај, продажбата на нови автомобили се зголеми за само 3,2% на годишно ниво.






Во групата од четири водечки пазари, Германците покажаа најголем апетит за купување возила, според скокот на продажбата за дури 15,7 % во споредба со минатогодишниот јуни. Двоцифрен раст е забележан и во Франција и Италија, за 11,4 и 10,6 проценти, соодветно.

Најблаг раст во големата четворка забележа Шпанија, за 7,8 проценти.

„Во услови на геополитички тензии, пазарот продолжи да ги жнее придобивките од силната побарувачка за низа електрифицирани технологии, поттикнати првенствено од мерките за поддршка на продажбата“, истакна ACEA.

Хибридните електрични автомобили беа најпопуларни во јуни, со пазарен удел од 35,25%, малку понизок во однос на претходниот месец. Продажбата скокна за 18,4%, со регистрирани 404.000 возила.

Според дефиницијата на ACEA, групата вклучува „целосни и делумни хибриди“ кои, во зависност од моќноста на батеријата, можат да возат во просек до 62% од времето само на електрична енергија.

Продажбата на електрични автомобили на батерии скокна најмногу во јуни, за дури 60,7%, со над 270.000 нови регистрации и пазарен удел од 23,57%.

Продажбата на plug-in хибриди, исто така, значително се зголеми, за 22,1%, со речиси 116.000 регистрирани нови возила и пазарен удел малку повисок од 10%.

Бензинските и дизел моторите исто така ја изгубија својата популарност, според падот на продажбата за 12,4 и за 16,1%. Пазарниот удел на бензинските возила малку се намали во јуни, на 21,33%, додека дизел возилата имаа удел од 6,7%.

Со зголемената побарувачка за електрифицирани возила меѓу Европејците, моделите од кинеските производители се сè попопуларни, а податоците на ACEA покажуваат дека продажбата на Leapmotor во јуни била речиси шест пати поголема отколку во истиот месец минатата година. Chery продал речиси четири пати повеќе возила на Стариот континент отколку минатата година, додека продажбата на BYD речиси се зголемила за трипати.

Силен раст на продажбата забележа и Tesla, со 72,1% повеќе испорачани возила отколку во јуни минатата година, покажаа податоците на ACEA.

Поврзани содржини