Eвропарламентарци бараат извинување од хрватските власти за инцидентот на градницата
Хрватската полиција тврди дека европарламентарците биле запрени затоа што сакале да ја минат „зелената граница“, што е забрането и со хрватскиот и со европскиот закон.
Четворицата италијански европратеници, кои допатуваа во Хрватска да проверат како хрватската полиција се однесува кон мигрантите, а беа спречени во намерата, денеска побараа официјално извинување од хрватските власти и најавија дека ќе побараат од европските власти да спроведат истрага.
Ова тие го наведуваат во писмената изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ), во која се вели дека го отфрлаат тврдењето на хрватската полиција дека вчера сакале да ја минат „зелената граница“ меѓу Хрватска и БиХ, во близина на местото Бојна.
Хрватската полиција, меѓутоа, и натаму тврди дека биле запрени затоа што сакале да ја минат „зелената граница“, што е забрането и со хрватскиот и со европскиот закон.
Центарот за мировни студии (ЦМС) во Загреб соопшти дека тие не можат да коментираат за природата на нивното пристигнување, но можат да го коментираат нивното појавување токму на тој дел од надворешната граница на ЕУ.
– За нас тоа, на некој начин, е индикација. Ако не им се овозможи пристап или да ја видат областа од која доаѓаат луѓето и таа погранична област каде што постојано се случуваат насилни одвраќања, за нас тоа е одреден показател за прикривање на нелегалната пракса што постојано се случува на хрватските граници – за РСЕ изјави Ана Чуча од ЦМС.
Четворица италијански европратеници – Пјетро Бартоло, Алесанда Морети, Пјер Франческо Мајорино и Брандо Бенефеи – сите од групата Европски социјалисти и демократи (С & Д) во Европскиот парламент, вклучувајќи ги и хрватските социјалдемократи, веднаш побараа изјава од премиерот Андреј Пленковиќ.
Европратениците велат дека тие само сакале да видат што се случува на границата.