ЕВРОПА СЕ ВРАЌА НА НУКЛЕАРНАТА ЕНЕРГИЈА Ќе инвестира 205 милијарди евра во нови централи
Се предвидува дека инсталираниот нуклеарен капацитет низ цела ЕУ ќе порасне од 98 гигавати во 2025 година на околу 109 гигавати до 2050 година.
Европската Унија прави пресврт во енергетската политика. Нуклеарната енергија сега се смета за клучна алатка за постигнување енергетска независност, намалување на емисиите на CO₂ и стабилизирање на мрежата во ерата на растечка побарувачка на енергија поради центрите за вештачка интелигенција и електричните возила.
Нуклеарната енергија минатата година сочинуваше 24% од вкупното производство на електрична енергија во ЕУ.
Се проценува дека побарувачката за електрична енергија во Европа ќе се зголеми за 50-80%. Обновливите извори како што се ветерот и сонцето сè уште не можат да произведат толку голема количина енергија, па затоа нуклеарната енергија треба да служи како „батерија“ за стабилност на мрежата.
Иако некои земји како Германија и Австрија сè уште се скептични, повеќето членки на ЕУ сега ја поддржуваат нуклеарната енергија како дел од „зелената“ транзиција.
„Нуклеарната енергија заедно со обновливите извори може да игра клучна улога во решавањето на предизвиците пред нас, од стабилноста на мрежата до декарбонизацијата и безбедноста на снабдувањето“, вели европскиот комесар за меѓународна соработка и развој Јозеф Сикела истакнува Сикела.
„Зелените“ здруженија за заштита на животната средина едногласно ги осудуваат ваквите планови. Тие се плашат дека ќе го поништат сè што е направено со години за заштита на животната средина.
Функционерите на ЕУ велат дека е можно да се усогласат заштитата на климата и нуклеарниот развој. Решението се мали модуларни реактори (SMR) – помали, поевтини и побезбедни од класичните големи нуклеарни реактори.
Во 2024 година, ЕУ ја започна Европската индустриска алијанса за SMR за да го забрза нивното воведување.
Во јуни оваа година, Европската комисија го објави осмиот извештај за нуклеарните програми, кој покажува дека нуклеарната енергија ќе бара значителни инвестиции, приближно 241 милијарда евра до 2050 година.
Од тоа, 205 милијарди евра би биле инвестирани во нови нуклеарни централи, а 36 милијарди евра би биле искористени за продолжување на животниот век на постојните реактори.
Овој извештај јасно нагласува дека се потребни сите извори на нискојаглеродна енергија (не само обновливи извори) за да може ЕУ да ги исполни своите климатски и енергетски цели.
Се предвидува дека инсталираниот нуклеарен капацитет низ цела ЕУ ќе порасне од 98 гигавати во 2025 година на околу 109 гигавати до 2050 година.
Од Европската алијанса за енергетски истражувања велат дека е важно да се започне со проширување на капацитетите на постојните нуклеарни централи каде што е можно, но и да се продолжи со големи инвестиции во искористување на можностите на сонцето, ветерот и реките.
Политичките промени во дел од земјите на ЕУ се исто така клучни, со слична порака дека реалноста мора да се прифати.
Белгија го укина законот за постепено затворање на нуклеарните реактори, отворајќи ја можноста за изградба на нови.
Со новата влада, Германија го омекна својот традиционален антинуклеарен став и сега ја гледа нуклеарната енергија „на исто ниво со обновливите извори“ во законодавството на ЕУ.
Данска размислува за укинување на четириесетгодишната забрана за нуклеарна енергија, со посебен фокус на модуларната технологија.
Италија донесе закон за подготовка за враќање на нуклеарната енергија и планови за напредни модуларни реактори. Владата на премиерката Џорџија Мелони ја одреди 2030 година како година за враќање кон нуклеарната енергија.
Полска, која е зависна од јаглен, започна нуклеарна програма, а почетокот на работата на првата нуклеарна централа е планиран за 2033 година.
И во Шпанија, владата е под притисок да се откаже од планираното затворање на нуклеарните централи, особено по големото затемнување минатата пролет.