ЕВРОПА СЕ СПРЕМА ЗА МОЖНА ВОЈНА СО РУСИЈА Белгија и Холандија резервираат пристаништа за воени сили од САД, Британија и од Канада

Извршниот директор на Ротердамското пристаниште, Боудевејн Симонс, посочи дека веќе се воспоставува координација со белгиското пристаниште Антверпен за справување со евентуален прилив на воени возила и опрема од Велика Британија, САД и од Канада.

856

Најголемото европско пристаниште, холандскиот Ротердам, започна подготовки за можен вооружен конфликт со Русија, објави весникот Фајненшл Тајмс (ФТ). Подготовките вклучуваат резервирање терминали за воени бродови и опрема, како и изработка на планови за пренасочување цивилен товар во случај на воена криза.

Извршниот директор на управата на ротердамското пристаниште, Боудевејн Симонс, изјави дека е во тек координација со Антверпен во соседна Белгија за управување со ситуацијата во случај на пристигнување на британски, американски и на канадски возила и опрема.






– Не секој терминал е погоден за прием на воен товар. Ако се појави потреба за голема количина воена опрема, би барале Антверпен или други пристаништа да преземат дел од капацитетот и обратно. Помалку се гледаме како конкуренција, а повеќе како партнери – изјави Симонс.

Овие активности се дел од пошироки напори за зајакнување на одбранбената подготвеност на Европа. Европската Унија работи на план за повторно вооружување вреден до 800 милијарди евра, како одговор на повиците од американскиот претседател Доналд Трамп и на заканите од можна руска агресија.

Холандија, заедно со НАТО-сојузниците, се обврза да ги зголеми буџетските средства за одбрана до 5% од БДП. Во мај, холандското Министерство за одбрана соопшти дека Ротердам ќе мора да обезбеди дополнителен простор за прием на воени бродови по барање на НАТО.

Симонс објасни дека некои бродови би останале закотвени со недели, неколкупати годишно, додека, пак, ротердамскиот контејнерски терминал е единственото место каде што може безбедно да се претовара муниција од еден брод на друг. Покрај тоа, неколкупати годишно ќе се одржуваат и амфибиски воени вежби.

Иако Ротердам и претходно примал воен товар, како за време на Ирачката војна во 2003 година, дури ни за време на Студената војна не постоело посебно пристаниште за оружје и за воена опрема. Антверпен, пак, редовно прима пратки за американските трупи кои се стационирани во Европа.

Ротердамското пристаниште се протега на 42 километри долж реката Мас, со годишен товарен промет од околу 436 милиони тони. Пристаништето прима околу 28.000 бродови по море и 91.000 по внатрешни речни патишта од Германија и од други делови на Европа. По санкциите против Русија, пристаништето изгуби околу 8% од товарниот сообраќај, главно нафта.

Антверпен, со годишен промет од 240 милиони тони, е второто најголемо пристаниште во Европската Унија.

Според Симонс, двете пристаништа тесно соработуваат на зголемување на европската отпорност.

– Нашите тимови сѐ повеќе соработуваат, вклучително и во областа на стратешка отпорност – потенцира директорот.

Пандемијата на Ковид-19 ја покажа зависноста на Европа од ограничен број снабдувачи како Кина и Индија, додека наглото намалување на протокот на руска нафта по инвазијата на Украина беше уште една поука, посочува весникот.

Симонс повика на создавање залихи од клучни суровини како бакар, литиум и графит, слично на залихите на нафта кои ЕУ ги регулира со обврска за складирање за 90 дена, воведена по нафтениот шок од 1973 година.

– Треба да гледаме пошироко на поимот стратешка отпорност, особено сега кога светот станува сѐ понестабилен – изјави Симонс.

Тој додаде дека зоните околу пристаништата, со добри дистрибутивни мрежи, се идеални за складирање стратешки резерви. Дел од холандските нафтени резерви веќе се чуваат во Ротердам.

ЕУ утре треба да ја претстави својата „стратегија за складирање“, која ќе опфати медицински материјали, клучни суровини, енергетска опрема, засолништа, а потенцијално и храна и вода.

„ТИЕ СЕГА СЕ ЖЕСТОКО НАПАЃАНИ, МОРА ДА ИСПРАТИМЕ ОРУЖЈЕ“ Трамп ја враќа воената помош за Украина по краткиот прекин

Поврзани содржини