ЕВРОПА НЕ МОРА ПА БАШ ЗА СЀ ДА ГИ СЛУША САД Вашингтон сака ЕУ да стане посамостојна и посилна
Некако апсурдно е Володимир Зеленски да ѝ каже на американската администрација, која моментално ги држи заедно целата негова влада и воените напори, дека е на страната на Русите, посочи потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.
„Европа не треба да го прави сето она што ќе ѝ го кажат Американците“.
Оваа порака не доаѓа од Брисел, Париз или од Берлин, туку од потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.
Повлекувањето на безбедносните гаранции и воведувањето царини не значи дека САД повеќе не ѝ се пријател на Европа, вели потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс. Но, Вашингтон ќе инсистира европските лидери да преземат понезависна улога на меѓународната сцена и да бидат поодговорни кон сопствените гласачи, особено кога станува збор за прашањето за имиграцијата, објави Франс 24.
Тој тврди дека европските лидери сè уште не успеваат да се соочат со реалноста од 21 век за економијата, миграцијата, интеграцијата и за безбедноста. Демократскиот проект на Западот се распаѓа, посочи Венс, поради политиките за отворени граници, кои ги смета за отровни за демократската доверба.
— Многу сме фрустрирани што европските популации бараат поразумни економски и миграциски политики, а лидерите им го нудат спротивното од она за што гласале — посочи Венс во интервју за Анхерд.
Другата болна точка на Европа, според Венс, е безбедноста, која четвртина век беше субвенционирана од САД.
— Неодамна Европа имаше војски што можеа да ги бранат барем своите татковини. Денес повеќето европски нации немаат војска за разумна одбрана. Британците, Французите и Полјаците се исклучоците што го докажуваат правилото дека европските лидери радикално недоволно инвестирале во безбедноста и тоа мора да се промени — смета Венс.
Говорејќи за царините, што Трамп ѝ ги наметна на Европа, потпретседателот изјави дека глобалниот трговски систем довел до голем и постојан трговски дефицит, при што мнозинството земји навистина ги искористуваат САД. Потпретседателот е убеден дека САД ќе постигнат нови трговски аранжмани со европски држави.
— Целта е праведноста. Мислам дека тоа ќе доведе до многу позитивни трговски односи со Европа. Да повторам, ние ја гледаме Европа како наш сојузник. Само сакаме тоа да биде сојуз во кој Европејците ќе бидат малку понезависни, а нашите безбедносни и трговски односи ќе го одразуваат тоа — изјави Венс.
Венс ги коментираше критиките што му ги упати претседателот Володимир Зеленски дека „ја оправдува руската агресија врз Украина“,
— Некако апсурдно е Зеленски да ѝ каже на американската администрација, која моментално ги држи заедно целата негова влада и воените напори, дека е на страната на Русите — рече тој.