ЕВРОПА МУ ВРТИ ГРБ НА ИЗРАЕЛ Брисел го става под лупа партнерството со Ерусалим поради кризата во Газа

Претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави дека „силно мнозинство“ од министрите поддржале иницијатива за ревизија на договорот за асоцијација со Израел, со акцент на неговото почитување на клаузулата за човекови права.

544

Европската Унија ќе го преиспита договорот за политичка и економска соработка со Израел поради влошената хуманитарна состојба во Газа, изјави високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, по состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел, објави Ројтерс.

Притисокот врз израелската влада се засили откако се појавија поплаки за недостиг од хуманитарна помош во Газа, додека владата на премиерот Нетанјаху започна нова воена офанзива во енклавата.






Калас изјави дека „силно мнозинство“ од министрите поддржале иницијатива за ревизија на договорот за асоцијација со Израел, со акцент на неговото почитување на клаузулата за човекови права.

Според дипломати, 17 од 27 земји-членки ја поддржале иницијативата, која ја предложил холандскиот министер за надворешни работи, Каспар Велдкамп.

Хуманитарна помош во Газа нема ни за леб

Причината за оваа иницијатива е фактот што Израел, од почетокот на март, речиси целосно го блокира доставувањето хуманитарна помош во Појасот Газа, каде што живеат околу 2 милиони Палестинци. Израел своите постапки ги оправдува со тврдењето дека исламистичката група Хамас има корист од тие пратки.

– Ситуацијата во Газа е катастрофална – рече Каја Калас во Брисел.

Иако неодамнешните дозволи за ограничени хуманитарни пратки се поздравени, тие се недоволни и се опишани како „само капка во океанот“.

Холандија изјави дека нема да поддржи продолжување на важноста на двегодишниот акционен план ЕУ-Израел додека не се изврши проценка дали постапките на Израел се во согласност со договорот.

Овој договор, според ЕУ, има за цел да го олесни вклучувањето на Израел во европските политики и програми, претставувајќи основа за понатамошна соработка меѓу двете страни.

Сѐ уште има надеж Израел да ја ублажи блокадата на помошта

Калас изјави дека сè уште не е утврдена временска рамка за планираната проверка на договорот со Израел. Таа додаде дека додека постапката трае, постои надеж дека Израел ќе ја ублажи блокадата на хуманитарната помош за Газа.

Европските земји, според неа, сакаат да испратат јасен сигнал дека мора итно да се стави крај на страдањата на цивилите во енклавата. Веќе минатата година започнале остри дебати во рамките на ЕУ за договорот за соработка со Израел, пред сè на иницијатива на Шпанија и на Ирска.

Израел со реакција – „Хамас почна прв“

Одговорот на Израел не изостана – портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи, Орен Марморштајн, остро ја осуди позицијата на ЕУ, предупредувајќи дека ваквите критики само ќе го охрабрат Хамас во преговорите за прекин на огнот и ќе ја поткопаат позицијата на Израел, објави Јуроњуз.

Тој тврди дека Хамас го испровоцирал воениот конфликт, а изјавата на ЕУ е, според него, „целосно недоразбирање на сложената реалност со која се соочува Израел“.

Спротивно на ова, Палестинската управа во Рамала ја поздрави одлуката на ЕУ, оценувајќи ја како „одамна задоцнета, но неопходна“. Од таму го повторија обвинувањето дека Израел грубо ги крши човековите права на палестинските територии.

Инаку, цивилната заштита на Појасот Газа, која е управувана од Хамас, денеска објави за 19 загинати во израелските воздушни напади врз енклавата, додека Израел упорно се обидува да го уништи исламистичкото движење и да ги спаси преостанатите заложници, киднапирани пред 20 месеци.

ЗАГИНАА 19 ЛУЃЕ ВО ИЗРАЕЛСКИ НАПАД ВРЗ ГАЗА Повеќето од жртвите биле жени и деца

Поврзани содржини