ЕВРОПА МОРА САМА ДА ЈА КРОИ ТЕХНОЛОШКАТА ИДНИНА Мерц предупредува за зависноста од САД и од Кина
Германскиот канцелар најави голема технолошка офанзива на ЕУ и Германија за постигнување независност од САД и Кина.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска упати силен повик до Европската Унија и Германија да направат „голем исчекор“ во зајакнувањето на технолошката конкурентност, со цел повторно да станат глобални лидери во иновациите и развојот.
– Не смееме да дозволиме САД и Кина сами да ја определуваат технолошката иднина, тоа е прашање на нашата благосостојба, безбедност и, на крај, слобода – изјави Мерц во Берлин, на претставувањето на владината „Високотехнолошка агенда“, документ што ја поставува основата за новата насока на германската и европската технолошка политика.
Мерц потенцираше дека ЕУ отсекогаш успевала да создава подобра иднина за своите граѓани, но дека последните години ја изгубила динамиката.
– Во последно време станавме премногу самодоволни. Тоа може и мора да се поправи – рече германскиот канцелар.
Тој предупреди дека светот влегува во нова фаза на судир помеѓу авторитарни и либерални држави, а технолошката зависност од други земји може да стане сериозна закана за европската безбедност.
– Сведоци сме на еднострани зависности кои се користат како политички инструмент во борбата за моќ – додаде Мерц.
Со новата „Високотехнолошка агенда“, германската влада планира да издвојува најмалку 3,5% од БДП за истражување и развој до 2030 година, со цел повторно да ја врати позицијата на земјата како водечки глобален центар на иновации.
Мерц најави дека Германија ќе се фокусира на шест клучни технологии: вештачка интелигенција, квантна технологија, микроелектроника, биотехнологија, фузија и производство на енергија без емисии, како и технологии за климатски неутрална мобилност.
– Ако сакаме да бидеме водечка технолошка нација, мора да воспоставиме вистинска соработка меѓу индустријата и науката – додаде Мерц.