ЕВРОПА ГИ ЗАБРАНУВА ЛЕТОВИТЕ ВО ЈУЖНА АФРИКА Новиот сој на коронавирусот сее паника

САД соопштија дека ограничуваат патувања од осум јужноафрикански земји поради стравувањата од нова варијанта на Ковид-19 откриена во Јужна Африка.

713

Земјите од Европската унија денеска се договорија привремено да го прекинат патувањето во регионот на Јужна Африка, по откривањето на новата варијанта на ковид-19, соопшти словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.

– Комитетот на здравствени експерти од сите 27 земји на ЕУ се согласи со потребата да се активира „кочницата за итни случаи“ и да се воведат привремени ограничувања за сите патувања во ЕУ од Јужна Африка – објави словенечкото претседателство со ЕУ на Твитер, пренесува Ројтерс.






Извор од ЕУ потврди дека ограничувањата ќе важат за Република Јужна Африка (Јужна Африка), Боцвана, Есватини, Лесото, Мозамбик, Намибија и Зимбабве, откако беше откриен првиот европски случај на нова варијанта на корона вирусот во Белгија денес.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја повика денеска ЕУ да реагира „брзо, одлучно и обединето“ кога станува збор за спречување на ширењето на загрижувачката варијанта на вирусот на Јужна Африка, а европските граѓани да бидат вакцинирани и дополнително заштитени со бустер доза.

– Европската комисија денеска им предложи на земјите-членки да ја активираат „кочницата за итни случаи“ за патување од земјите од Јужна Африка и во другите засегнати земји, со цел да се ограничи ширењето на новата варијанта. Сите авионски патувања во овие земји треба да бидат суспендирани, додека не се разбере јасно за опасностите што ги носи оваа нова варијанта. Патниците кои се враќаат од овој регион исто така треба да ги почитуваат строгите правила за карантин – рече Фон дер Лајен во видео пораката.

Јужноафриканскиот министер за здравство Џо Фала изјави дека прелиминарните студии сугерираат дека новата варијанта на ковид-19 откриена во оваа земја би можела да биде попренослива, но дека одлуката на другите земји да воведат ограничувања за патување е „неоправдана“. Фала на прес-конференцијата рече дека Јужна Африка постапува транспарентно и дека забраните за патување се спротивни на нормите и стандардите на Светската здравствена организација (СЗО), пренесе Ројтерс.

Властите ширум светот денеска реагираа со тревога на новата варијанта на корона вирусот, првпат откриена во Јужна Африка.
Велика Британија, Сингапур, Русија и Јапонија се меѓу оние земји кои воведуваат строги карантински мерки и забрануваат летови до Јужна Африка и до нејзините соседни земји, а неколку часа откако Британија ги воведе овие ограничувања.

Јужноафриканскиот институт за заразни болести објави во четвртокот дека првите 22 случаи на инфекција со нова верзија на вирусот B.1.1.529 се откриени во Јужна Африка, а истата варијанта е потврдена во Боцвана и во Хонг Конг.

САД соопштија дека ограничуваат патувања од осум јужноафрикански земји поради стравувањата од нова варијанта на ковид-19 откриена во Јужна Африка. Патувањата ќе бидат главно забранети почнувајќи од понеделник од Јужна Африка, Боцвана, Зимбабве, Намибија, Лесото, Есватини, Мозамбик и Малави, изјави висок функционер во администрацијата на претседателот Џо Бајден.

Само американските граѓани и постојаните жители се уште ќе можат да патуваат од осумте земји, додаде официјалниот претставник.

– Потегот е спроведен поради претпазливост од новата варијанта на Ковид-19 што циркулира во Јужна Африка – рече официјалниот претставник.

Министерот за здравство на Канада Жан-Ив Дуклос соопшти дека државата ограничува патувања од седум земји во јужна Африка, регион кој пријави случаи на нова – и можеби позаразна – варијанта на ковид-19. Почнувајќи од денеска, на сите странски државјани кои патувале од Јужна Африка, Намибија, Зимбабве, Боцвана, Лесото и Мозамбик во последните 14 дена ќе им биде забранет влезот во Канада.

На канадските граѓани и на постојаните жители ќе им биде дозволено да се вратат дома од овие земји, но од нив ќе се бара да ги чекаат резултатите од тестот по пристигнување во хотел.

Поврзани содржини