ЕВРОПА Е ДОМ НА ВРЕДНОСТИ, НЕ НА УЦЕНИ Мицкоски вели дека Македонија чекори со дигнитет кон ЕУ

Премиерот истакна дека Македонија на самитот влегува со јасна насока и визија, спроведувајќи реформи не затоа што тоа некој го бара, туку затоа што тоа го заслужуваат граѓаните.

658

Македонија останува цврсто на европскиот пат, но нема да прифати уцени под превезот на интеграциите. Ова денеска јасно го порача премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, одржана во рамки на лидерскиот Самит ЕУ – Западен Балкан во Скопје.

– Нашата држава чекори со отворено срце и разум, но се противиме на уцените кои не се дел од европските вредности. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме, сè друго е туѓо за ЕУ и туѓо за нас – изјави Мицкоски.






Премиерот истакна дека Македонија на самитот влегува со јасна насока и визија, спроведувајќи реформи не затоа што тоа некој го бара, туку затоа што тоа го заслужуваат граѓаните.

– Нашите реформи не се декорација. Тие се потреба. Ќе се движиме самите, со сопствената волја, конкретен план и визија. Ќе испорачуваме резултати и ќе го следиме европскиот пат по сопствен избор. Благодарни сме за поддршката од Европската комисија, но уште повеќе сме решени сами да си помогнеме – нагласи премиерот.

На Самитот во Скопје, како што кажа Мицкоски, државата не е само домаќин, туку и партнер и сојузник на една заедничка визија – Западен Балкан кој се дефинира преку своите можности, а не преку проблеми.

– Ова е признание за улогата што ја има Македонија во градењето мостови и создавањето решенија. Планот за раст на ЕУ не го гледаме како формалност, туку како алатка со која ќе ја трансформираме државата, модернизација на јавни услуги, подобрување на образованието, инвестиции во енергетска и дигитална инфраструктура. Државата ќе стане европска дома, пред формално да стане дел од ЕУ – рече тој.

Одговарајќи на новинарско прашање за наводни доцнења на три министерства во спроведување на клучни реформи, Мицкоски изјави дека Македонија е над просекот од 75 отсто што го спомена еврокомесарката Кос, и оти сите закони се веќе во собраниска процедура.

– Не би рекол дека има доцнење. Ние сме некој процент над тој просек. Денеска ќе бидат завршени и тие закони, со што ќе бидат исполнети сите обврски преземени со Планот за раст – изјави премиерот Мицкоски.

Самитот во Скопје беше фокусиран на конкретни чекори за унапредување на реформите и интеграцијата на регионот, а Македонија уште еднаш покажа дека е стабилен, реформски и конструктивен партнер во европскиот процес.

Поврзани содржини