Еврокодовите услов за поконкурентно градежништво
Во следните три години, Еврокодовите ќе бидат во паралелна примена со досегашните прописи за проектирање на конструкции, по што се очекува во важност да останат само Еврокодовите.
Во септември годинава нашата држава ги усвои Еврокодовите кои претставуваат технички прописи и стандарди од Европската Унија за проектирање и градење на градежни конструкции, и истите се внесени во Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање. Во следните три години, Еврокодовите ќе бидат во паралелна примена со досегашните прописи за проектирање на конструкции, по што се очекува во важност да останат само Еврокодовите. Следниот период е клучен за запознавање на струката и градежните компании со нивната примена, за што се потребни соодветни обуки и поддршка од сите чинители на процесот – беше соопштено на денешната прес–конференција на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија.
Здружението во рамки на своите активности е посветено на доследна примена на прописите и стандардите во градежништвото, како и следење на искуствата на развиените европски земји како предуслов за обезбедување на поволно деловно опкружување, квалитет во секторот и услови кои на компаниите ќе им овозможат покрај на домашниот, да бидат повеќе присутни и конкурентни и на странскиот пазар.
– Имплементацијата на Еврокодовите е дел од евроинтеграцискиот процес на нашата држава, а со нивното усвојување во овој момент, градежниот сектор оди чекор напред кон усогласувањето со европската регулатива, што веруваме дека во следниот период само би го олеснило патот на домашните градежни компании кон европскиот пазар и би го приближило стручниот кадар кон нивото на знаење и компетенции со кои располагаат развиените европски земји – истакна Андреа Серафимовски, претседател на Здружението.
На прес–конференцијата присуствуваа и претставници на Институтот за стандардизација на РС Македонија (ИСРСМ), стручни лица и експерти од струката, вклучени во процесот на усвојување на Еврокодовите.
Директорот на Институтот за стандардизација, Џеват Кицара информираше дека Институтот е единствено национално тело во кое се активни над 30 технички комитети кои делуваат во полето на стандардизацијата во повеќе стопански гранки (земјоделство, металургија, енергетика и други).
– Еврокодовите се тематика на која Институтот работи повеќе години, a оваа година беше заокружен и процесот на усвојување на Националните Анекси, преку кои се воспоставува врската помеѓу постојните национални стандарди на секоја земја членка и Еврокодовите – заклучи Кицара.
Соња Черепналковска, раководител на секторот за стандардизација, посочи дека стандардите се жива материја, поради што Институтот ќе продолжи да ја следи имплементацијата на веќе усвоените стандарди, а сите заинтересирани страни може да се обратат директно до нив за сите отворени прашања, поврзани со процесот на стандардизација и имплементација на истите.
– Еврокодовите го отвораат патот кон европскиот пазар на инженерски услуги и со нив домашната техничка регулатива се усогласува со европската. Процесот на усвојување на Еврокодовите е завршен, меѓутоа допрва започнува процесот на нивна имплементација кој за градежната струка е исто така значаен од повеќе аспекти. Неопходни се обуки, семинари, подготовка на стручни материјали, но и компетентни лица кои активно ќе се вклучат во едуцирање на кадари за примена на Еврокодовите – истакна Петар Цветановски, претседател на Техничкиот Комитет 40 во рамки на ИСРСМ – Еврокодови и Национални Анекси.
Мери Цветковска, член на Техничкиот комитет 40 и претседател на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ), во своето излагање нагласи дека меѓу засегнатите чинители значајна улога имаат и стручните асоцијации, особено Друштвото на градежни конструктори кое долги години проучува прашања поврзани со Еврокодовите и досега има организирано повеќе предавања и симпозиуми посветени на оваа тема.
– Во следниот период потребно е активно да се делува во насока на ревизија на студиските програми, едуцирање на студентите, но и обучување на инженерскиот кадар кој одамна ја има напуштено студентската клупа. Само со обединување на науката и праксата би се скратил и олеснил периодот на паралелна примена на Еврокодовите – заклучи Цветковска.
Во рамки на заклучоците, Андреа Серафимовски информираше дека Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите во соработка со ДГКМ и со поддршка на ИСРСМ ќе преземе активности за одржување на пилот–обука за градежните компании, чија цел ќе биде да се презентира концептот на Еврокодовите и да се даде поддршка на бизнис–заедницата при нивната примената во рамки на националното опкружување, а крајната заложба е да се зајакнат капацитетите на градежните компании и на инженерискиот кадар.
Серафимовски нагласи дека ова е само почеток на една сериозна и долгорочна активност која сите засегнати институции треба да ја препознаат и да се приклучат кон процесот на организирање на обуки сè со цел, во што е можно покус рок, да се овозможи правилна примена на Еврокодовите и да се создадат услови во кои македонското градежништво ќе биде поконкурентно на европскиот пазар.