ЕВОЛУЦИЈА НА КАЛЕНДАРИТЕ Како Римјаните го сметале времето, а како Египќаните?
Дури во 14 и во 15 век било прифатено еквиноционалното време по кое должината на еден час е иста во текот на целата година.
Во минатото, годините се сметале на сосема поинаков начин. Пред Римјаните, не само што не бил развиен календар, туку не постоеле ниту денови во неделата, па дури и часовите не биле еднакви во текот на целата година. Тогаш се користело таканареченото темпорално време, а должината на часот зависела од должината на денот.
Дури во 14 и во 15 век било прифатено еквиноционалното време по кое должината на еден час е иста во текот на целата година.
Како се одвивала еволуцијата на календарите?
Египетски календар
Египќаните први го направиле календарот со кој времето се мерело со помош на годината. За една година Земјата врти цел круг околу Сонцето.
Како и сите историски народи, Египќаните најпрво користеле лунарен календар, базиран на Месечината. Времето во Египет најпрво се сметало од една полна Месечина до друга, а по секои три полни Месечини доаѓало до излевање на реката Нил, а тоа било повод за прославување празник, бидејќи земјата станувала плодна.
За да би знаеле кога доаѓаат празниците, Египќаните се обиделе да направат календар со помош на кој нема да зависат само од Месечината. Па така, нивните астрономи забележале дека на секои 12 месеци на небото се појавува ѕвездата Сириус, а периодот помеѓу двете појави на оваа ѕвезда го нарекле – година.
Како што се развивала астрономијата во Египет, така и годините се поделиле на 365 дена и на 12 месеци. Интересно е како ги броеле годините. Со доаѓањето на секој нов фараон на власт, броењето на годините започнувало од самиот почеток. Па така, во Египет, наместо да се каже 250-та година, таму се кажувало 15-та година откако фараонот „тој и тој“ е на власт.
Римски календар
Римјаните ги удриле темелите на современиот календар. Самиот збор „календар“ потекнува од латинскиот јазик – calendarium, а за Римјаните тоа претставувал назив за „книга на долгови“. Имено, првиот ден во секој месец бил период кога требало да се вратат сите долгови.
Во тоа време не постоеле називи за деновите во неделата, па Римјаните го делеле месецот на два дела, а не на четири седмици.
На почетокот, Римјаните користеле година која имале 10 месеци, а двата месеци ги додале подоцна. Годините се бореле од легендарното основање на градот Рим. Најголемиот дел од имињата на месеците биле римските редни броеви (први, втори, трети…).
Првиот месец во годината – јануари, го добил името по римскиот бог Јанус, додека месецот јули го добил своето име во чест на Јулиј Цезар, а август по неговиот наследник Октавијан Август.
Римјаните дури пресметале дека годината не трае 365 дена, туку 365 дена и 6 часа.
Еврејски календар
Поради тоа што десетте заповеди на Мојсеј велат дека седмиот ден треба да служи за одмор, Евреите тој ден го нарекле сабота. Подоцна имиња добиле и останатите денови во неделата, а кога било создадено христијанството, денот за празнување се преместил за недела.
Покрај тоа, Евреите во календарот вовеле и систематско броење на деновите, кое не зависело од моменталниот владител.
Нивниот календар ги броел годините од настанувањето на светот, додека, пак, христијаните го започнале броењето на годините од раѓањето на Исус Христос.
Јулијански календар
Најдолгата година во историјата траела 445 дена. Тоа била 46-тата година пред нашата ера. Тогаш римскиот император Јулиј Цезар го повикал астрономот Сосигениј од Александрија за да го поправи римскиот календар.
Римјаните знаеле дека годината трае 6 часа подолго од 365 дена, но до тогаш го користеле календарот без престапни години. Поради вишокот, се појавила разлика од 67 дена, па астрономот донел одлука да се воведе престапна година на секои четири години, односно месецот февруари на секоја четврта година да добива уште еден ден.
Грегоријански календар
Како што се развивала астрономијата, така било пресметанот дека годината не трае 365 дена и 6 часа, туку 365 дена, 5 часа, 48 минути и 46 секунди. Токму затоа, од времето на Јулиј Цезар па сè до 1582 година, се насобрале 10 дена разлика.
Поради тоа, папата Грегориј 13 одлучил да го измени Јулијанскиот календар и така се создал Грегоријанскиот календар.
Реформите ги извршил језуитскиот математичар Кристофер Клавијус, кој во 1582 година ја скратил годината за 10 дена, а наместо секоја четврта година да биде престапна, тој вовел правило годините кои се на почеток на столетието (1700, 1800, 1900) да прескокнуваат трипати како престапни, а секоја четиристота година да си останува престапна.
Денес, овој Грегоријански календар го користи целиот свет, освен некои православни цркви.
Извор: National Geographic