„ЕВН Македонија“ додели таблет-компјутери за новата „20-20-20“ генерација ученици во Гостивар

216

Дваесет и три ученици од втората генерација на проектот „20-20-20“ во ОСТУ „Гостивар“ добија таблет-компјутери кои ќе им користат во следењето на наставата на далечина.

Во рамки на поддршката на проектот за дуално образование „20-20-20“, компанијата „ЕВН Македонија“ на пригодна свеченост во ОСТУ „Гостивар“ денеска ги врачи таблет-компјутерите.






Раководителот на Корисничкиот енергоцентар на ЕВН во Тетово, Ардит Садику, зборуваше за важноста од поддржувањето на најмладите во овој период на дигитализација.

– Горди сме што за време на пандемија им излеговме во пресрет на најмладите во најважниот сегмент од животот – едукацијата. Сведоци сме дека во новата нормала на живеење, дигитализацијата стана неодвоен дел од животот на секој човек, а особено за учениците. Целава ситуација им наметна нов неопходен начин на функционирање и едукација, а од друга страна обезбедувањето дигитални уреди претставува голем товар за најмладите – рече Садику.

Директорот на училиштето, Бесир Салиу, искажа благодарност на соработката со ЕВН и тековното одвивање на проектот.

– Проектот на „20-20-20“ е значаен и ја разбуди во голема мера заинтересираноста кај учениците од Гостивар и регионот. Годинава за запишување во втората генерација имаше многу заинтересирани. Учениците на ЕВН-паралелките се многу задоволни и покажуваат големи успеси благодарение на одличното менторство од вработените на компанијата – рече Салиу.

Годинава како четвртата генерација на проектот „20-20-20“ во училиштето се запишаа ученици од „Михајло Пупин“ во Скопје. Во рамки на проектот, во 2019 година се отвори првата ЕВН-паралелка и во Гостивар.

Учениците кои се дел од оваа програма имаат практична обука според европски стандарди и стекнуваат вештини потребни на пазарот на работна сила. Учениците на располагање имаат кабинети со опрема и материјали донирани од компанијата, какви што користат и нејзините вработени во извршувањето на секојдневната работа. Учениците при процесот на учење преку работа се менторирани од страна на стручни електромонтери и електроинженери од ЕВН и по нивното успешно завршување на образованието ќе имаат можност за вработување во компанијата.

Поврзани содржини