ЕВН ЈА ПОДДРЖА МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА ВО ВИЕНА Стоечки овации за јубилејниот концерт во Златната сала

Во чест на 80-годишниот јубилеј, оркестарот приреди спектакуларен концерт во Златната сала на Музикферајн.

650

Во чест на својот 80-годишен јубилеј, оркестарот на Македонската филхармонија одржа извонреден концерт во срцето на Виена – во легендарната Златна сала на Музикферајн, еден од најпрестижните концертни храмови во светот. Настапот на македонските музичари беше вистински музички спектакл кој ја претстави македонската уметност во најдобро светло пред европската публика.

Под диригентство на Јерухам Шаровски и со настап на истакнатите солисти Ана и Игор Дурловски, концертот понуди внимателно избран репертоар кој ги обедини делата на Глигор Смокварски и Бете Илин со пет традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски. Виенската публика, позната по својот префинет вкус, ги награди музичарите со долги аплаузи и стоечки овации.






– Да настапуваме токму во Златната сала, каде што свиреле најголемите имиња на класичната музика, е огромна чест и признание за нашиот труд и посветеност – изјави диригентот Јерухам Шаровски по завршувањето на концертот.

– Оваа вечер беше симбол на културниот мост меѓу Македонија и Европа – додаде сопранот Ана Дурловска, која ја воодушеви публиката со својата интерпретација.

Настанот во Виена беше поддржан од ЕВН Македонија, која како долгогодишен промотор на културни иницијативи, ја препозна важноста на ваквите уметнички проекти.

– Со гордост стоиме зад Македонската филхармонија и нејзиниот настап во Виена, кој претставува вистинска промоција на македонската култура во светот. Поддршката на вакви настани е дел од нашата мисија да инвестираме во уметноста, образованието и културното наследство – изјавија од компанијата ЕВН Македонија.

Настапот во Музикферајн се смета за историски момент во развојот на македонската музичка сцена и уште една потврда дека македонските уметници заслужено го заземаат своето место на европската и светската културна мапа.

Поврзани содржини