Еве што ги чека „фраерите“ кои ќе го прекршат полицискиот час

Според Законот, граѓаните кои се казнети со парични казни од 1.000 до 4.500 евра, а кои немаат пари да ја платат казната, ќе бидат осудени на затворска казна до една година.

9,686

Парична казна до 4.500 евра или затворска казна од една година е предвидена за сите оние кои ќе го прекршат полицискиот час кој треба да започне вечерва во 22 часот и ќе трае до 5 часот наутро. Засега не добивме информација колку наши сограѓани ја платиле казната поради тоа што го прекршиле полицискиот час кој минатата година во неколку наврати се спроведуваше поради пандемијата со ковид-19, но како што објаснуваат адвокатите со коишто разговаравме, досега ниту едно лице не завршило зад решетки поради ваквиот прекршок.

– Досега имам водено неколку случаи кога граѓани го прекршиле полицискиот час и кои завршиле со пресуда, како и неколку активни. Тоа што можам да го кажам е дека во принцип сите тие случаи завршуваат со парична казна за прекршителите. Казната се движи од 1.000 до 4.500 евра, а јас досега немам слушнато дека некој влегол во затвор поради прекршување на полицискиот час – изјави адвокатката Сања Стоилевска.






Таа додава дека сите пресуди поврзани со прекршувањето на полицискиот час се со казнен налог, односно судијата поединец го прифаќа предлогот од јавниот обвинител и издава казнен налог со пресуда, а обвинетиот ако се согласува со таквата пресуда со казнен налог, тогаш не поднесува приговор против донесената пресуда.

Пред речиси една година, кога на 22 март за прв пат беше воведен полицискиот час на целата територија на Македонија, од Јавното обвинителство предупредија дека ќе одговараат со затвор до една година сите оние кои не ја почитуваат мерката воведена за заштита од коронавирусот, кој тогаш започна од 21 часот. Од ОЈО тогаш соопштија дека граѓаните кои ќе се движат за време на полицискиот час ќе бидат обвинети за истото кривично дело по член 206 од Кривичниот законик – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, како оние што се во изолација, а излегуваат надвор.

Односно, секој кој нема да почитува полициски час, ќе се смета дека шири зараза.

„За ставот 1 од член 206, за кој е пропишана одговорност на физичко лице, предвидена е парична казна или затвор до една година, а во ставот 2, ако делото го стори правно лице, пропишана е парична казна до 30 милиони денари (околу 490.000 евра)“, наведено е во соопштението од пред една година на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Во ставот 2, пак, се вели дека ако делото го стори правно лице, пропишана е парична казна, која може да биде до 4.500 евра.

Според Законот, граѓаните кои се казнети со парични казни од 1.000 до 4.500 евра, а кои немаат пари да ја платат казната, ќе бидат осудени на затворска казна до една година.

Од друга страна, одлуката за забрана за движење од 22 часот до 5 часот не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници, објасни владиниот портпарол Душко Арсовски.

Тој информира и за заклучокот на Владата, дека оние граѓани и економските оператори кои имаат дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана за движење ќе треба само да им ја  обноват важноста.

Поврзани содржини