ЕВЕ КОИ ПРАТЕНИЦИ ЌЕ РАБОТАТ НА НОВИОТ ИЗБОРЕН ЗАКОНИК Целта е законското решение да биде готово до јуни

Министерот за правда Игор Филков треба да ја закаже првата средба на новоформираната работна група.

76

Во петокот е испратен дописот од Собранието до Министерството за правда со номинирани претставници од парламентарните партии и независни пратеници кои ќе учествуваат во работната група за новиот изборен законик. Се очекува да биде свикана конститутивната седница на која треба да се утврди начинот на работење.

Списокот со предложените партиски претставници е веќе пред министерот за правда Игор Филков и се чека да ја закаже првата средба.






Од владејачките ВМРО-ДПМНЕ во работната група ќе бидат пратениците Антонијо Милошоски и Иванка Василевска, од ЗНАМ ќе бидат Павле Арсоски и Даниел Стојчевски, а од Вреди, Саранда Имери и Зеќирија Таири.

Од опозициската СДСМ во работното тело за Изборниот законик ќе учествуваат координаторот Оливер Спасовски и Јована Тренчевска, од ДУИ Арта Биљали Зендели и Блерим Беџети, а од Левица Борислав Крмов и Реџеп Исмаил. Од крилото на Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села, претставници ќе бидат пратениците Илире Даути и Елми Азири, а од крилото на Арбен Таравари пратениците Ријад Шаќири и Халил Снопче, додека од Партијата на Турците пратеникот Бејџан Иљас.

Неизвесно е кој ќе биде претседател на работната група. Неодамна интерес да застане на чело на работното тело пројави претседателот на Собранието Африм Гаши, како што рече, за да се забрза работата, но не се исклучува на тоа место да биде избран и претставник од Министерството за правда.

Со ова, пратениците ќе треба да почнат да работат на новиот изборен законик.

На лидерската средба што неодамна ја свика премиерот Христијан Мицкоски, беше договорено дека е потребен нов изборен законик што треба да биде готов до јуни.

Изборниот законик е дел и од Реформската агенда.

На последната средба на координаторите на пратеничките групи и на министерот за правда беше констатирано дека ако пратениците утврдат, ќе се менува повеќе од една третина од Изборниот законик. Во тој случај ќе треба да се изготви ново законско решение, а во спротивно ќе се менува постојното.

Поврзани содржини