Еве каква е прогнозата на Светска банка за растот на македонската економија
Од земјите во регионот најголем раст за оваа година е предвиден во Црна Гора од 7,1 отсто, потоа Србија од пет, Албанија 4,4, Косово 4 и Босна и Херцеговина од 2,8 проценти.
Светска банка во најновиот извештај прогнозира раст на македонската економија за годинава од 3,6 отсто и за наредната од 3,5 проценти.
Од земјите во регионот најголем раст за оваа година е предвиден во Црна Гора од 7,1 отсто, потоа Србија од пет, Албанија 4,4, Косово 4 и Босна и Херцеговина од 2,8 проценти.
За 2022 година Светската банка прогнозира раст на економијата во Црна Гора и Косово од по 4,5 отсто, во Србија и Албанија по 3,7 и по 3,5 проценти за Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
Светската банка посочува дека на стартот на 2021 година економиите на Западен Балкан се едни од најтешко погодените од коронавирусот во Европа и Централна Азија, со најголем број на случаи на новозаболени во еден ден, со што далеку го надминуваат просек на европско-ценралноазискиот регион.
Банката додава и дека Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија се меѓу 10-те земји во развој со најголем број смртни случаи од ковид-19 по глава на жител, што дополнително ги оптоварува здравствените системи.
– За повеќето економии од Западниот Балкан не се очекува масовната вакцинација да започне пред вториот квартал од 2021 година, што е побавно отколку што првично се очекуваше, бидејќи овие земји чекаат испорака на вакцини преку КОВАКС механизмот на Светската здравствена организација – се наведува во Извештајот, при што се додава дека доставата на вакцините е одолговлечена поради доцнење во производството и дистрибуцијата.
Според Светската банка, просечниот раст на економиите од Западен Балкан во 2021 се очекува да биде на ниво од 4,4 проценти, а догодина да се сведе на 3,7 отсто, под претпоставка дека ќе дојде до обнова на потрошувачката и бизнис довербата, дека состојбата со пандемијата со ковид-19 ќе биде ставена под контрола и дека ќе се намали политичката нестабилност.
– Економиите зависни од туризмот, особено Албанија и Црна Гора, ќе продолжат да се соочуваат со ограничувањата за меѓународните патувања. Зголемувањето на фискалните обврски го намали просторот за фискална поддршка и придонесе за макроекономски дисбаланс. Во исто време, државните буџети дополнително ќе бидат отоварени со дополнителни трошоци неопходни за надминување на штетните економски ефекти од пандемијата на ковид-19 – се оценува во извештајот.
Банката проценува дека поволни услови за економскиот раст на среден рок и за зголемување на продуктивноста во Албанија и Северна Македонија ќе имаат забрзувањето на структурните реформи како дел од подготовката за членство во ЕУ, под претпоставка дека стартот на преговорите нема да биде одложен.
– Се очекува и регионот да имаат корист од неодамна усвоениот Економски и инвестициски план на ЕУ, кој ќе мобилизира средства за поддршка на одржливата поврзаност, човечкиот капитал, конкурентноста, инклузивниот раст и зелената и дигитална транзиција – се додава во Извештајот.