Еве до кога скопјани да очекуваат пари на нивните сметки од субвенциите за инвертер клими
Според условите во повикот, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима-уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ.
Пред точно еден месец (24.10.2020) по пристигнати 5.000 апликации, Град Скопје ја информираше јавноста дека е исполнета предвидената квота за субвенции и со тоа заврши јавниот повик за субвенции за инвертери, а од Градот велат дека во тек е исплата на субвенциите.
– За граѓаните коишто аплицирале за субвенции за инвертери и ги исполнуваат условите во тек е процесот на предавање на старите печки кои користат нееколошки енергенси во замена за инвертер клима уреди за затоплување. Исто така, во тек е и исплатата која се одвива сукцесивно и до крајот на годината треба да биде завршена – велат за Плусинфо од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 322 милиони и 400 илјади денари, обезбедни од Владата и со овие средства се очекува замена на некаде околу 5.000 печки со инвертери, односно околу 5.000 оџаци помалку во скопската котлина.
– Изминатите викенди Градот на повеќе локации спроведуваше акции за предавање на старите печки кои користат нееколошки енергенси во замена за инвертер клима-уреди за затоплување, а тие се огранизираа во општините Сарај, Шуто Оризари, Карпош, Центар, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Гази Баба и Аеродром. Старите печки ќе треба завршат во Дрисла – ни одговорија од Градот.
Јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима-уреди за затоплување на домаќинствата ги опфати граѓаните кои купиле инвертер од 1.1.2020 година, до завршувањето на повикот на 30.11.2020 години или до денот на исцрпување на средствата. На овој повик граѓаните можеа да аплицираат онлајн.
Според условите во повикот, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ.
– Во наредните две години, согласно условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, во однос на тоа да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства – предупредуваат од Град Скопје.