Пожарот во скопската населба Геге и во дел од дворот на Психијатриската болница Бардовци е под контрола, а пациентите и персоналот се евакуирани, информираат од Центарот за управување со кризи.
Денес попладне избувна пожар во населбата ГеГе кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површкаината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја. Пожарот претставуваше опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата.
Веднаш беше пристапено кон евакуација на пациентите и персоналот, кои беа безбедно изнесени надвор од кругот на болницата, информира ЦУК.
„ЦУК побара дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координираше со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледуваше можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствуваше во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци. Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево“, се наведува во соопштението.