„ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ“ ДОБИ НОВ СОПСТВЕНИК Комерцијална банка го продаде имотот на комбинатот на холандски „Полиникел холдинг“

Комерцијална банка ќе добие 4о милиони евра од продажбата на имотот на „Еуроникел индустри“.

1,041

Кавадаречката компанија „Еуроникел индустри“, која беше во стечај е продадена на холандската компанија Polynickel Holding BV, која е дел од турската групација Yildirim Group, соопшти Комерцијална банка преку Македонска берза. 

За финална реализација на купопродажниот договор останува уште да се исполнат сите правни и регулаторни предуслови.






Комерцијална банка како најголем доверител во „Еуроникел индустри“ го доби претходно имотот на кавадаречкиот комбинат и соопшти дека зделката изнесува вкупно 40 милиони евра.

„Согласно член 158 од Законот за хартии од вредност, Комерцијална банка АД Скопје објавува дека на 22.03.2024 година Банката склучи Договори за продажба на имот стекнат врз основа на ненаплатени побарувања од Еуроникел индустри с. Возарци во износ од 31.300.000 евра и Нова рефрактори од Пехчево во износ од 8.700.000 евра без даноци и давачки, со друштва основани од холандската холдинг компанија Polynickel Holding BV, која е дел од групацијaта Yildirim Group. За конечната реализација на трансакцијата потребно е да се исполнат одредени законски и регулаторни барања“, се наведува во соопштението.

Во истовреме, Банката со групацијата Yildirim склучи договор за продажба и на имотот на фабриката Нова рефрактори во Пехчево.

– Убедени сме дека продажбата е долгорочно решение за комбинатот Еуроникел имајќи го предвид кредибилитетот и капацитетот на Yildirim групацијата. Веруваме дека со ова е надминат неизвесниот период за сите доверители и, пред сѐ, за вработените во комбинатот, кои покажаа максимална посветеност и професионалност и покрај тешката состојба во која се најдоа не по нивна вина. Во целиот изминат период од декември 2023 година, кога Комерцијална банка го презеде имотот на комбинатот во своја сопственост, бевме посветени на наоѓањето сериозен инвеститор кој ќе ја продолжи дејноста на еден од најзначајните индустриски капацитети во земјата. Со цел да се одржи комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес, Банката во изминатите четири месеци обезбеди речиси 100 милиони денари за одржување на технолошкиот минимум на комбинатот и за давање шанса за продолжување на работењето – рекоа од Банката.

Групацијата Yildirim е глобален индустриски конгломерат со седиште во Амстердам и во Истанбул. Основана е во 1963 година и моментално работи во 56 земји на 5 континенти, вработува 25.000 лица во девет индустрии: метали и рударство, управување со пристаништа, вештачки ѓубрива и хемикалии, енергија и енергетски производи, транспорт и логистика, финансиски услуги, градежништво и недвижности и меѓународната трговија.

Од Банката велат дека остануваат посветени и понатаму да придонесат со сите свои капацитети за фер наплата на доверителите и вработените во рамките на стечајната постапка. Прв услов за тоа е сите должници на Еуроникел веднаш да ги платат своите обврски.

За оваа зделка информираше на својот фејсбук профил и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.

„По залагањето на градоначалникот Митко Јанчев заедно со Комерцијална Банка АД Скопје за стечајната постапка за Еуроникел Индустри, на 22.03.2024 година се склучи договор за продажба на фабриката Еуроникел Индустри од страна на Комерцијална Банка АД Скопје со компанијата Polynickel Holding BV, која е дел од групацијата Yildirim Group, а преку новоформираната компанија Дабл Игл ДООЕЛ. Општина Кавадарци и Комерцијална Банка се среќни што оваа фабрика за производство на фероникел, по завршување на законските регулативи, ќе започне со производство и ќе ги повлече на работа сите вработени кои беа дел од фабриката, но и сите компании кои се директни добавувачи на фабриката. Општина Кавадарци со градоначалникот Митко Јанчев и Комерцијална Банка АД Скопје ќе се залагаат според сите правни и законски можности, заедно со стечајнииот управник, преку стечајната постапка на Еуроникел Индустри, да се обештетат вработените и сите останати доверители“, напиша Јанчев.

„Еуроникел индустри“ подолг период беше во криза. Почнувајќи од екстремната енергетска криза и нестабилната цена на никелот на берзите, како и низата проблеми на инвеститорот ГСОЛ и компаниите кои го снабдуваа комбинатот со суровини лани го доведоа комбинатот до стечај.

Еуроникел индустри беше еден од најголемите работодавачи во земјава и еден од најголемите извозници. Во него работеа 1.000 работници, а голем број мали компании живееја од овој комбинат извршувајќи одредени работи за него. Извозот на оваа компанија во 2019 година изнесуваше 200 милиони евра или 1,8% од БДП.

Поврзани содржини