Euromax Resources – кочничари на среќата

Реакција на колумната на Живко Груевски „Еуромакс одлучно против рудници на смртта“ објавена на Плусинфо.

221

Euromax Resources е во силна кампања да го пропагира отворањето на рудниците во Иловица и во Штука. Во горенаведената колумна нивен претставник тврди дека оние кои протестиравме во Струмица сме биле „платени кочничари“. Каква дрскост и класичен метод на „фрлање на кал“ врз огромното мнозинство жители на струмичката котлина. Исто така и врз сите нас од цела Македонија кои сме крајно загрижени заради оваа еколошка катастрофа во најава. Нашите заложби се до тоа НИКАКО да не дојде! Ако се случи ужасот тие да проработат несомнено ќе биде видлива еколошката девастација што ќе ја нанесат. Но тогаш ќе  биде доцна. Од искуство знаеме дека топилницата во Велес важеше за страшен загадувач, а требаа децении за да се затвори. Иста е приказната со налудничавата одлука на владата на СФРЈ во бакарскиот залив на јадранското море да изгради коксара. За ова говори следниот видео запис – јhttps://www.youtube.com/watch?v=y11I3mXgEP0. Кога во 2010 на местото на веќе затворената коксара новите сопственици сакале да изградат нова, мештаните дигнале востание – https://www.rijekadanas.com/koksara-digla-bakar-na-noge/. И од едниот и од другиот пример страшните последици од загадувањето граѓаните ги плаќаат до денес.

Почитуваниот д-р Живко Груевски, според наведеното во интервјуто на Слободна ТВ со Сашо Орданоски е директор за комуникации во Euromax Resources [Cf. Youtube watch?/ v=1 / pUMFK384 / _I]. Ова јас го заклучив врз основа на податоци изнесени од д-р Груевски. Значи тој е формално и легално платен за да пишува и да зборува во полза на оваа фирма.






Од друга страна, изјавата „добро платени кочничари“ му е дадена без дополнителни квалификации. Затоа може са се заклучи дека секој на протестот е „платен кочничар“. Се прашувам со каква оправданост тој ме става и мене меѓу „добро платените кочничари“? Јавно тврдам, јас сум „кочничар“ за отворањето на рудниците на смртта во Иловица и во Штука без да бидам „добро платен кочничар“. На протестот патував од Охрид до Струмица и назад иако таму бев дошол од Скопје на викенд. Сметав дека протестот е од животна важност за струмичката котлина и за Македонија.

Веќе изјавив дека токму расфрлањето со тврдења за „целосна“ или „100%“ безбедност е индикатор за нечесни намери. Само оние кои немаат никаква намера да го исполнат ветеното ги ветуваат ѕвездите и месечината. Кога тие ветувања се даваат во Македонија, со погубни политики на секоја досегашна влада во секој сектор на општеството и со судство без функционална општествена доверба, повеќе од јасно е дека граѓаните мораат да се самоорганизираат во одбрана на она малку што системската и систематската корупција го нема уништено. Од тоа малку струмичката котлина е од непроценлива вредност. Но системската и систематската корупција е поддржана и од бизнис интересите за профит на домашните и странските капиталисти.

Ја прочитав колумната на д-р Груевски неколкупати. Прво, според напишаното човек да си помисли дека рудниците би го подобриле квалитетот на почвата, на водите и на воздухот!? Уште малку па би се заклучило дека копањето руда е исто како и местата каде што би биле окната да се пошумат со дрвја. Би немало разлика?! Второ, наброените финансиски придобивки се граничат со утопијата на Томас Мор. Трето, во текстот никаде не се спомнува сомнителната финансиска одлука да се вложат неколку милиони евра во спорен проект за кој судот во Македонија, гледај чудо, донесе експрес одлука токму каква што била наведена како услов во договорот на горенаведениот милионски влог.

Оставам на јавноста да процени кои во случајов се „добро платени“ кочничари. Оние кои седум години го кочат труењето на струмичката плодна котлина, или пак оние формално „добро платени“ гласноговорници на Euromax Resources кои кочат еден, како ретко кога, автентичен израз на сплотеност и на солидарност во име на правата на обичниот македонски граѓанин и општо во име на правдата и на слободата.

Демократијата го претпоставува суверенитетот на народот да владее со својот живот и со ресурсите што му се на располагање. Според македонскиот Устав, „суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“ (Устав, член 2). Овој суверенитет народот, односно граѓаните им го „предаваат“ на пратениците во Собранието, но не се откажуваат од него. Според Член 8 на Уставот под „Темелни вредности на уставниот поредок“ се набројуваат „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот.“ Тие се, „уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста“.

Кога граѓаните ќе проценат дека суверенитетот и темелните вредности им се загрозени, демократијата им гарантира дека тој суверенитет и тие вредности може да си ги вратат со протест, со граѓанска непослушност и со секој ненасилен вид на дејствување. Како таков граѓанин на Македонија, самостојно, свесно, доброволно и без никаква лична полза, си го земам неприкосновеното граѓанско право да се борам против спорните рудници. Ако проработат, нема сомнеж дека тие негативно ќе влијаат врз почвата, врз водите и врз воздухот, а со тоа и врз квалитетот на животот на тамошните жители. Да се тврди спротивното е да се тврди апсолутно невозможното.

Имајќи ја предвид состојбата во сите сегменти на македонската држава, веројатноста дека ние активистите сме во право, а не „душегрижниците“ на Euromax Resources е илјада спрема еден.

На крајот на краиштата огромното мнозинство жители кои живеат во околината и во непосредна близина на планираните рудници и се против нивно отворање, имаат секое право да си определат што за нив е „достоинствено и среќно живеење.“ Едно е сигурно, „Среќата со пари не се купува“.

Ќе завршам со цитат од најголемиот поет инспириран од почвата, од водите и од воздухот, напросто од здравата и плодна природа.

„Ги живеевме нашите животи со претпоставката дека она што е добро за нас е добро за светот. Грешевме. Мораме да ги смениме нашите животи така што ќе биде можно да живееме според спротивната претпоставка, дека тоа што е добро за светот е добро за нас. Ова бара да ја направиме секоја заложба да го познаваме светот и да научиме што е добро за него“ (Вендел Бери).

Заради сето ова и заради седумте години активизам, рудниците на смртта нема да заживеат.

 

(Авторот Коста Милков, т.е. д-р Костаке Милков е претседател на Балканскиот институт за вера и култура)

 

 

Поврзани содржини