📷 ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР СЕ РАЗДЕЛИ СО СЕДУМ РАКОМЕТАРИ Еве кои играчи од шампионскиот состав ја напуштаат Битола
По истекот на договорите од шампионскиот состав на Еурофарм Пелистер заминуваат тројцата голмани - Урбан Лесјак, Калифа Гедбан и Марко Кизиќ, бековите Марио Танкоски и Руди Сери и пикерите Денис Васиљев и Матеу Пиеховски.
Maкедонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер по завршувањето на сезоната се збогуваше со седум ракометари на кои им завршуваат договорите со клубот.
Од Битола заминуваат сите тројца голмани – Урбан Лесјак, Калифа Гедбан и Марко Кизиќ, од составот кој во саботата ја одбрани шампионската титула во македонската ракометна Супер лига.
Заедно со голманите си заминуваат и бековите, Марио Танкоски и Руди Сери, како и пикерите Денис Васиљев и Матеу Пиеховски.
„РК Еурофарм Пелистер на крајот на сезоната се разделува со седум ракомери кои заминуваат од нашиот клуб на истек на договорот. Најискрено им се заблагодаруваме за професионалноста и ангажманот на: Урбан Лесјак, Калифа Гедбан, Марко Кизиќ, Марио Танкоски, Денис Васиљев, Руди Сери и Матеуж Пиеховски. Клубот им посакува успеси во новите средини, вратите на Еурофарм Пелистер и град Битола секогаш ќе бидат отворени за нив“ – стои во објавата од клубот.
Македонскиот шампион во новата сезона ќе стартува со драстично изменет состав. Засега е потврдено дека на голот се враќа македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски кој во изминатите четири сезони настапуваше за Порто. А, ново засилување на голманската позиција во битолскиот тим ќе биде и Хрватот Филип Ивиќ кој доаѓа од францускиот Шамбери.
Еурофарм Пелистер како шампион на Македонија за следната сезона на меѓународна сцена има загарантирано место во Европската лига на ЕХФ, а најверојатно ќе аплицира и за „вајлд-карта“ за настап во Лигата на шампионите.