Еуримаж го поддржа „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Митевска
Еуримаж го поддржа и проектот „Празник на трудот“ во режија на Пјер Залица, копродукција помеѓу Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и Северна Македонија.
Филмот „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Митевска, во кој Северна Македонија е носител на проектот, како и копродукцијата „Празник на трудот“ со македонско малцинско копродуцентско учество, се поддржани од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж, на втората сесија во 2021 година.
На својата редовна 163 сесија која се одржа во јуни, Еуримаж финансиски поддржа 49 меѓународни филмски копродукции од вкупно 96 пријавени проекти.
Во категоријата долгометражни играни филмови, Еуримаж високо го оцени проектот „Најсреќниот човек на светот“ на Митевска, македонска копродукција со Данска, Белгија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.
Во оваа категорија е поддржан и проектот „Празник на трудот“ во режија на Пјер Залица, копродукција помеѓу Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и Северна Македонија. И во овој проект, како и во претходниот, македонскиот копродуцент е продуцентската компанија „Сестри и брат Митевски“ од Скопје.
– Како и на претходната сесија во март и сега, европската поддршка за македонската кинематографија пристигнува во сѐ уште тежок и неизвесен ковид или пост-ковид период. Македонските филмски проекти сѐ почесто се препознаваат во локалните филмски фондови во европските држави, но и во најзначајниот и најспрестижниот филмски фонд Еуримаж, специјализирано тело при Советот на Европа – изјави Тања Ќурчинска Пепељугоска, македонскиот национален претставник.
Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.209 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 635 милиони евра.