Еурека!
Зборот менталитет спомнат во еден прилично „растеглив“ но, би рекол, и доволно прецизен контекст од страна на секогаш отворениот холандски амбасадор во Македонија како можна опција за надминување на реалните македонски проблеми, тој – менталитетот – веднаш стана главна „фора“ за македонските политикантски мудреци. Иако тие, де факто, го разбраа како што им одговараше, а не во изворното и интерпретираното значење на зборот.
Дали конечно дојдовме до изворот на сите зла во државава? И дали сега можеме да здивнеме и полесно да ги решаваме сите проблеми? Веројатно, зашто досега изгледа талкавме во мракот на незнаењето и неинформираноста, а решението ни било на дофат на раката. И се одзива само на еден збор: менталитет!
Спомнат во еден прилично „растеглив“ но, би рекол, и доволно прецизен контекст од страна на секогаш отворениот холандски амбасадор во Македонија како можна опција за надминување на реалните македонски проблеми, тој – менталитетот – веднаш стана главна „фора“ за македонските политикантски мудреци. Иако тие, де факто, го разбраа како што им одговараше, а не во изворното и интерпретираното значење на зборот.
Дури и претседателот на државата (малите букви се реален одраз на неговото реноме во домашната и меѓународната јавност!) се фати на јадицата на „менталитетот“ и побрза да ни го сервира не само како негово туку и како одамна очекувано откритие – еурека! – па и откровение. Алелуја!
Не знам зошто чекал да нѐ „просветли“ до самиот крај на мандатот, или тоа ќе му биде адутот за повторната кандидатура? За којашто, патем, се премислува трипати дневно и повторно не знае дали вторпат ќе се кандидира. Но, да не го спомнеше ова „откровение“ холандскиот амбасадор, со што повторно ќе се кандидираше човеков? Со кои подвизи? Оној со експресното потпишување на Кривичниот законик, со „жалопојките“ за покачената плата, со она срамно „чествување“ во Ваташа, со еднакво новото „откритие“ дека во земјава владее висока корупција…, со што?
И како од толкаво интервју на холандскиот амбасадор тој, но и другите „мудреци“, го запаметија само – менталитетот? И си го „преведоа“ на својот локален провинциски јазик. Зошто, на пример, не ги цитираат неговите зборови дека „Се чувствувам разочарано зашто кога дојдов тука пред повеќе од четири години сметав дека земјата е на вистинскиот пат. Сега, во изминатата година и половина или две години, тоа повеќе не го гледам“?! Или дека би бил „добар совет за земјата да биде исклучително внимателна во зачувувањето на својата прореформска демократија, заштита на слободата на говорот, да ја зачува релативната независност на медиумите… Без овие работи каков било напредок не можен“ и др.
Или зошто никој не ги спомнува неговите отворени критики на власта, посочувањето на криминалот и високата корупција итн.? Па затоа што со „неодредената“ формулација на амбасадорот Коп дека „Најитната работа која е потребна е да се смени менталитетот“ можат да се прават секакви конструкции и манипулации. Какви што и се правеа. На сметка на амбасадорот, се разбира, и знаејќи дека тој нема понатаму да се впушта во полемики или дообјаснување што и како мислел.
Но, амбасадорот добро мислел и, сепак, прецизно се изразил. Тој никаде во интевјуто не говори за македонскиот народ како инстанца којашто треба да си го смени однесувањето односно „менталитетот“, уште помалку говори за криминалот и корупцијата на народот или за „неприфатлив политички притисок“ вршен од страна на народот. Зарем мисли на народот кога говори за „сериозно сомнителните процедури околу Коридорот 8“, за „хаосот во Судскиот совет, а и неодамнешните амандмани на Кривичниот законик“? Неговиот говор е јасен и прецизен и низ овие факти тој точно посочува на кого мисли: на власта, на Владата односно извршната власт, на судската власт, на Собранието итн.
Затоа оние памфлетски обиди на дел од „мудреците“ да манипулираат со овие зборови и да снесат ново кукавичко јајце сместувајќи нѐ сите во кошот на менталитетот се безобразни. И срамни. И вулгарни, ако баш сакате, и недолични за луѓе на сериозна возраст. Зашто ние со ништо не сме придонеле во дивеењето на оваа мафијашка власт, во нивните криминали и корупција, ние не сме го потпишале таинствениот договор за Коридорот 8 и не сме гласале сомнителни измени на Кривичниот законик. Точно се знае чии дела се тие, и не само тие.
И не, ние никако не сме очекувале холандскиот амбасадор отворено да каже „дека само избори и промена на власта се решение“ бидејќи тој тоа секако го кажа – само на дипломатски начин! – и бидејќи тоа сега е единственото можно решение за оваа земја. Но, промената на „менталитетот“ е апсолутно неопходна, но чија? Дали не треба да се промени ваквиот лажлив менталитет односно однесување што ја извртува смислата на туѓи изјави и манипулира со нив? Дали не треба да се промени тој провинциско-поданички менталитет на слугување на власта, па макар и криминална? И дали тука некој се обидува својот личен менталитет да го проектира врз целиот народ?
Зашто, конечно, суштината на поимот менталитет се однесува на личен или групен начин на размислување и однесување, на особен став на една личност или група. Но не и на цел народ, што би било нонсенс и чиста алхемија. И како воопшто може цел еден народ, па нека се и само два милиони единки, да има ист менталитет? Или, кој би бил менталитетот на 70 милиони Французи или 80 милиони Германци?
Од друга страна, концептот на менталитетот е само една компонента на општиот концепт на реформулирање на културата, проследена со претстава за јазикот и спознанието. Концептот на менталитетот оперира со „тоа што си“, а не со тоа што „го правиш“, што во суштина е проблематично и научно неприфатливо! Притоа, тој концепт бил актуелен во втората половина на минатиот век – како колективно несвесно (Ле Гоф), несвесна когнитивна структура (Вебер), елементи на детерминизам и негирање на индивидуалното итн. – но не и понатаму. Но, впрочем, кои се и какви се референците за оваа тема на спомнатине „мудреци“ кои се обидуваат да манипулираат со менталитетот? Па тие во целиот нивен живот не го спомнале зборот култура!
А сепак, има една нишка, еден сегмент од нивниот „менталитет“ за којшто и претходно пишував но мора и повторно да се укаже: сѐ додека во земјава мудруваат и владеат кримогени групи со крајно проблематичен (пост)комунистички „менталитет“поддржувани од ним слични „интелектуални“ приколки, ние не можеме да тргнеме напред. И тука амбасадорот е апсолутно во право. Врз сидрото на оној „прогресивен“ шалабајзер од пред две години, но и на овој денешниов, се закачени претешки посткомунистички лични и групни „менталитети“ што го држат бродот во едно место.
Впрочем, читајте ги последните интервјуа на премиерот и министерот за надворешнио работи! Мигот кога таквите размислувања и однос кон јавноста ќе бидат исчистени – и буквално! – од македонската политичка сцена, ќе можеме да говориме за нови потенцијални „менталитети“. Со надеж дека ќе бидат барем проевропски. Иако, лично, не сум многу убеден во тоа. Но, надежта последна умира, нели?
Меѓутоа, како што наближуваат изборите, лажните провинциски пророци ќе продолжат, дури ќе го засилат, темпото на замена на тези и факти, на обвинувања на народот (и опозицијата, се разбира) за катастрофите на власта. Сето тоа е веќе видено, можеби со други актери, но со иста ментална матрица и „менталитет“.