ЕУ во бугарски скут
Принципите на градење на единство во разноликоста, кои ЕУ ги градеше со децении, доживуваат поинакво толкување така што се дозволува евроинтеграциите да бидат притиснати во скутот на Бугарија и нејзиниот филтер за промовирање на билатерални негаторски и ревизионистички критериуми.
Марта Кос е секако во право кога вели дека ЕУ е изградена врз принципот на разноликост. Таа го вели тоа од позиција на еврокомесар за проширување, а кога е во прашање кандидатката за членство Македонија не би требало да има никакво посебно сомневање дека добро ги разбира притисоците и уцените за наметнување на сопствениот примат за кој упорно трубат одделни балкански нации во однос на „крадците“ на историјата во соседството.
Токму затоа во Бугарија остро беа нападнати нејзините изјави дека Европската комисија бара начини за поедноставување на процедурите во процесот на пристапување кон блокот, тврдејќи дека „билатералните спорови“ би можеле да влијаат на процесот. Принципите на градење на единство во разноликоста, кои ЕУ ги градеше со децении, доживуваат поинакво толкување така што се дозволува евроинтеграциите да бидат притиснати во скутот на Бугарија и нејзиниот филтер за промовирање на билатерални негаторски и ревизионистички критериуми.
Разгледувањето на механизмите и идеите за надминување на пречките, кои, како што пред извесно време укажа шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, имаат потенцијал за позитивен исчекор, засега не функционира. Но колку тоа добива загрижувачки димензии во однос на намалувањето на мотивацијата и продлабочувањето на скептицизмот во земјите аспирантки и нивната определба да се приклучат кон Унијата, е прашање за кое Брисел и понатаму нема соодветен одговор.
Евроскептицизмот, или ЕУ-непријателството, најчесто се дефинира со повикување на закани што од Брисел доаѓаат против националната посебност. Националистите најгласно зборуваа за закани од европскиот проект против сувереноста на националните држави. Во последните години, пак, перспективата е изменета, така што европските националистички партии, преземајќи ја во својот двор приказната за европскиот идентитет, сега го преместуваат тежиштето или, подобро речено, избираат нова тактика, тврдејќи дека во ЕУ доминираат космополитски елити што ја продаваат европската култура. Парадоксалното, се разбира, е во тоа што во исто време либералите, социјалдемократите и конзервативците на повеќе места во Европа сè повеќе ја губат вербата во европското.
Прашањето за националната кохезија не може а да не биде важно, без оглед на каков начин ќе се разговара околу него, и без оглед на тоа дали одговорите што ќе се понудат на тоа прашање некој ќе ги сфати како проблематични. Освен инсистирање на нештата што го сврзуваат националното ткиво – начин на живот, култура, мислења, вредности, јазик – на националната заедница ѝ се неопходни и посилни колективни сеќавања.
Една нација не може да се сведе само на прост збир на поединци што во моментот имаат исто државјанство, ниту, пак, може да се сумира само како збир на сите државни институции. Нацијата е сето тоа, но едновремено е и нешто повеќе. Таа е приказна. Или уште порадикално кажано – нација не постои додека некој не ја напише нејзината историја, зад која потоа цврсто, без двоумење, ќе стои, и ќе ја брани.
Европските популистички и националистички партии ќе продолжат со напорите за преземање на приказната за заеднички европски идентитет под своја закрила – без оглед што тоа подразбира – но само до таа критична точка што би претставувала сериозна закана за нивната национална сувереност. Бидејќи, во интегрирана Европа нациите ја внесуваат токму својата посебност.
Но, во суштина, не е иста работа да се биде критичен кон ЕУ онака како што таа функционира денес, во еден одреден миг и во однос на ограничено политичко подрачје, и во исто време да се биде критичен против самата идеја за една интегрирана Европа, една обврзувачка соработка меѓу демократските држави на европскиот континент. Како што неретко се укажува, разликите меѓу земјите членки – какви што се јазиците, економските капацитети, развиеноста на пазарите на труд, квалитетот на владините политики, политичката историја и најпосле културата, како можеби најважен сегмент, биле сукцесивно тривијализирани во стремежот кон европска интеграција.
Но, кон сонот за заеднички европски дом веќе со децении е насочен и погледот на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и на Македонија, која борејќи се со внатрешните грчеви за заштита на сопствениот историски и модерен идентитет, ретко е присутна дури и на маргините на отпорот што се обидува да се дефинира како заеднички скептицизам кон развојот што води кон создавање на една европска „супер држава“.
Прашање е затоа каков вид евроскептицизам се зголемува во Македонија поради долгото чекање пред вратите на ЕУ? А, и ако веќе се смета дека тоа е контраефект поради споровозноста на евроинтеграциите, тогаш останува нејасно дали евентуалното продлабочување на евроскептицизмот се случува поради тоа што македонските граѓани за иднината на својата земја гледаат и некаква – друга алтернатива.
Доколку ЕУ не ги прифатеше и поддржеше малите прибалтички земји Естонија, Летонија и Литванија, извесно е дека би бил надвиснат ризик од можен развој во кој тие би останале руски држави – сателити, отколку да профункционираат како стабилни и напредни демократии какви што се денес. Естонија, по падот на комунизмот, е рангирана дури меѓу првите десет земји во светски рамки, според функционирањето на принципите на правната држава. Доколку, пак, развојот се препушти на геополитичка неизвесност неретко носи и низа ризици.
Малите јазици во Европа имаат големо значење за националниот идентитет, како, на пример, естонскиот јазик, кој преживеал големи историски влијанија и предизвици. Естонскиот, кој денес е еден од 24-те официјални јазици, го зборуваат нешто помалку од еден милион луѓе. Меѓу нив е и Каја Калас која без двоумење би рекла дека естонскиот јазик е суштински елемент на националното наследство и гордост.
Националната гордост која се поврзува со историскиот развој на македонскиот јазик тешко дека би можела да остане неоштетена доколку принципот на разноликоста би се претворил во принудно „вкалапување“, со цел ЕУ да се ослободи од ризикот новите членки со себе да ги внесуваат и сопствените билатерлани спорови. Реални или наметнати.