ЕУ УДИРА ПО ЏЕБОТ НА ИЗРАЕЛ, ШТО СОДРЖАТ САНКЦИИТЕ? Целта е да се подобри состојбата во Газа, вели Каја Калас
Според планот на Европската комисија, за кој сè уште треба да се изјаснат сите 27 земји членки, на извоз од Израел кон Европа вреден околу 5,8 милијарди евра ќе бидат воведени нови царини. Унијата дополнително замрзнува 20 милиони евра билатерална помош за Израел во проекти и става двајца министри блиски до Нетанјаху на црната листа.
Царини за повластениот извоз од 5,8 милијарди евра, паузирана помош од 20 милиони евра за проекти и црна листа за двајца министри блиски до израелскиот премиер се меѓу мерките кои ги планира Европската унија за Израел, пишува „Јутарни лист“.
Овој прв удар од ЕУ за Израел го објави високата претставничка на Унијата за надворешна политика, Каја Калас.
– Целта не е да се казни Израел. Целта е да се подобри хуманитарната состојба во Газа – рече Калас на прес-конференција во Брисел.
Со слична изјава за санкциите се огласи и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Таа порача дека „ужасните настани во Газа мора веднаш да запрат“ и повика на итен прекин на огнот, непречена хуманитарна помош и ослободување на сите заложници.
Според планот на Европската комисија, за кој сè уште треба да се изјаснат сите 27 земји членки, на извоз од Израел кон Европа вреден околу 5,8 милијарди евра ќе бидат воведени нови царини. Царините треба да значат крај на досегашните трговски поволности кои Израел ги уживаше преку Спогодбата за асоцијација со ЕУ.
На „црна листа“ ќе се најдат и двајца истакнати министри на Нетанјаху – министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир и министерот за финансии Бецалел Смотрич, двајцата познати по агресивната реторика и постапки кон Палестинците.
Предвидените мерки не завршуваат тука. Европската унија ќе ја суспендира и билатералната помош во износ од 20 милиони евра, која претходно беше наменета за различни израелски институции и проекти.
Покрај санкциите за Израел, Унијата планира и засилена поддршка за Палестинската самоуправа. Еврокомесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица, најавила пакет вреден 1,6 милијарди евра за реформи во палестинските територии во следните две години.
Ако сите држави членки ги потврдат мерките, тоа ќе биде најдрастичен пресврт во политиката на ЕУ кон Израел од почетокот на војната во Газа. Потегот е значаен и од економски аспект, бидејќи Европската унија е најголемиот трговски партнер на Израел, со вкупна размена од 42,6 милијарди евра во изминатата година.
Израел со овие санкции го губи повластениот пристап на својата стока кон европскиот пазар, а сите израелски производи ќе бидат третирани како да доаѓаат од трета земја без спогодба за слободна трговија.
Сè уште нема прецизен датум кога санкциите би стапиле на сила. Неколку земји, меѓу кои и Унгарија, досега се противеле на вакви мерки. Но, Калас ги повика сите земји да ја поддржат иницијативата со зборовите дека „мораме да пратиме јасен сигнал кога човековите права се загрозени“.