ЕУ ТРЕБА ДА ЈА ПРОМЕНИ СТРАТЕГИЈАТА ЗА ЦЕЛИОТ ЗАПАДЕН БАЛКАН Вучиќ упати остра критика кон Европската Унија
Александар Вучиќ напомена дека влезот на Романија, Бугарија и на некои други земји во ЕУ бил политичка одлука.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ денеска, на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, изјави дека Европската Унија треба да ја промени стратегијата во однос на целиот Западен Балкан, како и во однос на Србија, и да донесе стратешки одлуки за прашањата за проширувањето.
– Мислам дека треба да разговараме за стратешки прашања – нагласи Вучиќ.
Тој напомена дека влезот на Романија, Бугарија и на некои други земји во ЕУ бил политичка одлука.
– Тоа беше политичка одлука, донесена од ЕУ, во време кога имаше стратешки одлуки и луѓе кои размислуваа стратешки. Така ние го гледаме. На некоја држава ѝ оди подобро. „Да, но Србија не ни треба. Бидејќи не воведоа санкции кон Русија или, поради која било друга причина, не решија дел од нивните проблеми“ – рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија не е единствената со проблеми и дека не ги создала сите свои проблеми сама.
Тој рече дека Србија останува на европскиот пат и е лојален партнер на ЕУ, како и дека на Европа ѝ треба стратешки разговор во новите околности.