ЕУ тешко ги интегрира мигрантите

Најголемата и најраспространета слабост во напорите за интеграција во ЕУ-членките е политичкото учество на странците, со просечен резултат од само 37 поени. Можноста за луѓето родени надвор од ЕУ да гласаат, да се вклучат политички и да бидат слушнати преку советодавни органи е строго ограничена во повеќе европски земји. Исто така и можностите за мигрантите да добијат државјанство се отежнати во повеќе земји и се проследени со разни рестриктивни мерки во последните пет години.

49

Бугарија е една од членките на ЕУ, заедно со Летонија и Литванија, кои покажуваат најслаби резултати во интеграцијата на мигрантите. Општо земено, најновите истражувања покажуваат дека во голем број земји-членки заложбите за унапредување на интеграцијата стагнирале. Би можело да се рече дека мигрантите на најширок план во ЕУ не успеваат значајно да се одлепат од нивото на граѓани од втор ранг.

Во новиот преглед објавен деновиве од независниот тинк-тенк со седиште во Брисел, „Мигрејшн полиси груп“ (МПГ), просекот на ЕУ изнесува само 54 од можни 100 поени на табелата, а што претставува незначително зголемување, за помалку од еден поен, во изминатиот петгодишен период од 2019 година.






Најголемата и најраспространета слабост во напорите за интеграција во ЕУ-членките е политичкото учество на странците, со просечен резултат од само 37 поени. Можноста за луѓето родени надвор од ЕУ да гласаат, да се вклучат политички и да бидат слушнати преку советодавни органи е строго ограничена во повеќе европски земји. Исто така и можностите за мигрантите да добијат државјанство се отежнати во повеќе земји и се проследени со разни рестриктивни мерки во последните пет години.

Токму во оваа област, кога станува збор за политичкото ангажирање и учество, Бугарија е на самото дно во ЕУ и убедливо го зазема последното место на табелата во споменатото истражување. Потврда за тоа секако може да се најде и во фактот дека Бугарија како држава не дозволува регистрација на македонски организации, здруженија и политички партии, и не ги признава Македонците како национално малцинство.

На врвот е пласирана Шведска со 86 поени, иако актуелната шведска конзервативно-десничарска влада во последните години спроведе низа рестриктивни мерки за заострување на условите за мигрантите во општеството. Меѓу првите три на табелата се пласирани и Финска и Португалија.

Резултатите покажуваат јасна разлика помеѓу постарите и поновите земји-членки. 14-те земји што беа членки пред 2004 година имаат просечен резултат од 63, додека 13-те земји кои се приклучија подоцна достигнуваат само 44.

Интеграцискиот индекс на МПГ се состои од 58 индикатори распоредени во осум области кои се оценуваат на скала од 0 до 100, при што 100 го претставува највисокиот меѓународен стандард за еднаков третман и еднакви можности, врз основа на конвенциите на Советот на Европа и директивите на ЕУ.

Основен заклучок на најширок план е дека пошироко во ЕУ мигрантите често уживаат основни права и извесна долгорочна сигурност ‒ но не и еднакви можности. Токму затоа, доколку Европа сака да се залага за кохезивни и безбедни идни општества, инвестициите во образованието, олеснувањето на процедурите за дозволи за престој и проширувањето на демократската инклузија не можат да чекаат, туку бараат поефикасни мерки.

Уште еден интересен момент што се забележува е дека прифаќањето на украински бегалци довело до некои позитивни странични ефекти, особено во Источна Европа, вклучувајќи го тука и зголемениот пристап до превод и поддршка за училиштата. Сепак, ефектите во однос на некои потрајни и пошироки системски промени се опишани како ограничени.

Од тој аспект би вредело да се посочат и испитувањата на Евробарометар, според кои 63 отсто од Грците и Унгарците, и 52 отсто од Бугарите, сметаат дека доселувањето на мигранти во нивните земји претставува проблем, за разлика, на пример, од Шведска и Холандија, каде што 19 односно 26 отсто од населението имаат негативен став кон мигрантите и нивното влијание на состојбите во општеството.

И според едно друго истражување, направено од страна вашингтонската агенција „Пју рисрч“, граѓаните на Грција и Унгарија се најнегативни во Европа кон доселувањето, при што 82 отсто од анкетираните Грци и 72 отсто од Унгарците што учествувале во испитувањето се изјасниле дека нивните земји би требало да примаат помалку мигранти, или пак воопшто да не примаат доселеници.

Недостиг од работна сила во моментов владее во голем број сектори во речиси сите земји членки на ЕУ. Токму затоа Европската комисија нагласува дека на ЕУ ѝ е силно потребна имиграција на работници, а за што е неопходно олеснување на законската регулатива, со напоредно засилување на заштитата на работниците од експлоатација и натамошно подобрување на мобилноста внатре во Унијата. Во спротивно, без прилив на работна сила, ќе запрат економските тркала на ЕУ.

Имиграцијата на работници станува сè поважно европско прашање во однос на задоволувањето на потребите на пазарот на трудот на ЕУ, во услови кога мобилноста на домашната работна сила не е доволна. Но, потребите од забрзување на пополнувањето на слободните работни места во повеќе бранши и сектори со мигрирање и привлекување работна сила надвор од ЕУ, во моментов е отежнато поради долгите и компликувани процеси за издавање работни дозволи, како и различните бирократски барања и правила во одделни земји членки.

Во секој случај, и покрај стагнацијата во интегрирањето, постојат некои светли точки. Шпанија, на пример, пред извесно време воведе нов сеопфатен закон против дискриминација, а Германија неодамна го либерализираше своето законодавство за државјанство, меѓу другото, со намалување на условот за период на престој и со дозволување двојно државјанство.

Во исто време, други земји се движеа во спротивна насока. Извештајот на МПГ укажува на ослабени советодавни органи за имигранти во Луксембург и Данска. Неколку земји воведоа или предложија построги барања за доделување државјанство. Сличен тренд кон построги услови се забележува во некои земји и во однос на семејното обединување.

Функционална политика за интеграција е од суштинско значење за градење инклузивни, кохезивни и просперитетни општества. Многу искуства недвојбено укажуваат дека добро управувана интеграција им користи и на новодојдените мигранти и на поширокото население преку промовирање еднакви можности, намалување на нееднаквоста и зајакнување на довербата во јавните институции. Во спротивно, рестриктивниот пристап ризикува да го поткопа демократското учество и социјалната кохезија.

Што се однесува до Балканот и интегрирањето на мигрантите, тешко се забележуваат охрабрувачки знаци. Пред извесно време беа објавени податоци дека Македонија на листата на Галуповиот индекс на прифаќање мигранти е на последното место од вкупно 145 рангирани земји во светот. Ништо подобро не стојат и другите балкански земји, кои исто така се рангирани на опашката на Галуповата табела, така што од 140-то до 144-то место се пласирани Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, а на претпоследно место, пред Македонија, е Унгарија, една од најтврдокорните антимигрантски ЕУ-членки.

Во овој контекст, за Балканот само може повторно да се констатира дека продолжува да се празни од луѓе, но не сака да прима мигранти. Или, пак, тие зазираат од него.

Поврзани содржини